Интервју со генералниот секретар на Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа, г. Бобан Илиќ

Дата на објава: 
9 Јули 2012
Boban Ilic.jpg

Односи со јавност на МЗШВ: Што е SWG и кои институции и земји членуваат во SWG?

Генерален секретар Бобан Илиќ: Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа (Standing Working Group for Regional Rural Development – SWG RRD) е меѓународна меѓувладина организација креирана од страна на Владите на земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ), поточно министерствата за земјоделство од ЈИЕ, со цел да се интензивира соработката меѓу земјите од ЈИЕ во областа на земјоделството и руралниот развој. Таа соработка, пред сé, се однесува на забрзување на реформите во областа на земјоделството поврзани со прашањата кои се однесуваат на интеграцијата на земјите од ЈИЕ, поточно на земјите од Западен Балкан, во Европската унија.

Во SWG членуваат сите земји од Западен Балкан без исклучок, т.е. нивните министерства за земјоделство, а полноправна членка е и Република Бугарија како земја членка на Европската унија. Воедно, со статус на набљудувачи во работата на SWG учествуваат и Министерствата за земјоделство на Сојузна Република Германија, Република Австрија, Република Словенија и Унгарија.

 

 

Односи со јавност на МЗШВ: Оваа година Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија претседава со Собранието на SWG.  Кои активности се реализирани во рамките на македонското претседателствување?

Генерален секретар Бобан Илиќ: Во ноември минатата година Република Македонија, т.е. МЗШВ го презеде претседателствувањето со работата на Собранието  и работните тела на SWG. Претседател на Собранието е м-р Валентина Стојановиќ-Туфа, која воедно работи како шеф на кабинет во Министерството.

Со оглед на тоа што SWG е сè уште релативно нова иницијатива на Балканот, односно формално е воспоставена пред две и пол години, постојат многу работи кои треба да се допрецизираат или искристализираат во работата на SWG.

Веднаш по преземањето на претседателствувањето од страна на Република Македонија, Собранието на SWG усвои еден релативно обемен Оперативен план за работа во 2012 година. Притоа, Секретаријатот на SWG и работните тела, покрај редовните активности зацртани во основачките документи на SWG, предвидоа голем број на активности кои се дефинирани во Стратегијата и Петгодишниот план за работа на SWG.

Тоа значи дека во текот на македонското претседателствување, активностите на SWG во најмала мерка се дуплираа. Пред сé, ова се однесува на проектите во фаза на имплементација поврзани со земјоделството и руралниот развој во регионот на ЈИЕ, изработка на студии и иницијативи поврзани со различни сектори кои се од доменот на ингеренциите на министерствата за земјоделство, како и зајакнување на контактите со Европската комисија и директоратите на Европската комисија за земјоделство и рурален развој и за проширување.

Воедно, согласно препораките на министрите за земјоделство и заклучоците од министерските состаноци одржани во 2010 и 2011 година, МЗШВ, заедно со Секретаријатот на SWG, презеде активности за проширување на списокот на земји кои учествуваат во работата на SWG.

Голем дел од тие предвидени активности се реализирани во првата половина од годината. Може да се каже дека под македонското претседателствување, SWG ја продолжи воспоставената соработка со Германската меѓународна соработка, завршена е физибилити студијата за можностите на регионалната соработка во областа на шумарството и водостопанството во земјите од ЈИЕ и започнат е нов регионален проект со Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации за земјите од регионот. И тука би сакал да се заблагодарам на огроманата поддршка што Секретаријатот во извршување на своите задачи ја добива од министерот Димовски. Без неговото лично залагање, секако дека немаше да се реализра толкав обем на активности.

Исто така, Секретаријатот на SWG, во соработка со МЗШВ, иницираше продолжување на соработката со Европската комисија и во тек се разговори за започнување на апликација на нов пристап за економски и рурален развој на пограничните региони во земјите на ЈИЕ. Се надевам дека разговорите со Европската комисија успешно ќе завршат и дека формалната соработка ќе продолжи и ќе се официјализира со потпишување на договор помеѓу SWG и Европската комисија веќе во октомври ова година.

 

Односи со јавност на МЗШВ: Седиштето на SWG е во Скопје, поточно во рамките на МЗШВ. Како тоа придонесува за промоција на Република Македонија и македонското земјоделство?

Генерален секретар Бобан Илиќ: Со одлука на сите земји членки на SWG, Република Македонија, т.е. Скопје, беше избрано за седиште на Секретаријатот на SWG. Од 2009 година со ратификација на Договорот за статусот и активностите на SWG, Република Македонија и формално е домаќин на оваа регионална иницијатива, или поточно речено, на оваа регионална организација.

Самиот избор на седиштето на SWG и не претставува некое изненадување имајќи го во предвид фактот дека Македонија отсекогаш се залагала за поблиско поврзување и соработка на земјите од ЈИЕ.

Во конкретниов случај, т.е. соработката на земјите од регионот на ЈИЕ во областа на земјоделството и руралниот развој, всушност и започна во Република Македонија. Во периодот 2005 - 2009 година иницијативата беше од неформален карактер. Кога се постави прашањето за формализирање на соработката во форма на организација како SWG, не постоеше никаква причина центарот на збиднувањата во делот на соработката на земјите од ЈИЕ во земјоделството да не биде во Скопје.

Според мене, самиот чин на изборот на Македонија за домаќин на оваа иницијатива е уште една потврда за генералната политика на Република Македонија која се однесува на регионалната соработка во ЈИЕ. Впрочем,  МЗШВ и во изминатите години ги поддржуваше сите аспекти на регионалната соработка во ЈИЕ во рамки на неформалната иницијатива и нормално беше Македонија да го преземе водството.

Важно е да се спомене дека Република Македонија преку оваа иницијатива ги артикулира сопствените интереси, а фактот што оперативниот дел на SWG, т.е. Секретаријатот на оваа иницијатива, е во Скопје, говори дека Македонија всушност се залага и ги застапува интересите на сите земји од регионот пред институциите на Европската унија и останатите меѓународни организации. Со самото тоа се потврдува и фактот дека Македонија е силен поддржувач и поборник во поширока смисла за интеграција на целиот регион во ЕУ.

Преку оваа иницијатива, сите прашања поврзани со реформите на земјоделско-прехранбениот сектор кои ја засегаат Република Македонија во процесот на приближување кон ЕУ, воедно може да се гледаат и од аспект како прашања и проблеми и на останатите земји од регионот. Тоа истовремено дава можност Република Македонија во име на целиот регион, да ги наметнува тие прашања и да им ги предочува на институциите на Европската унија.

Така што, можам да заклучам дека тоа што Македонија е домаќин на оваа иницијатива, во голема мера придонесува за афирмација на македонските ставови поврзани со апроксимацијата на земјоделско-прехранбениот сектор кон ЕУ, а воедно и претставува потврда на земјите од регионот за водечката улога на Македонија во однос на ова прашање.

 

 

Односи со јавност на МЗШВ: Оваа година Форумот за земјоделска политика на земјите од Југоисточна Европа се одржува во Охрид, Република Македонија. За кои теми ќе се разговара на форумот?

Генерален секретар Бобан Илиќ: Познато е дека во континуитет од 12 години Форумот за земјоделска политика на земјите од ЈИЕ наметнува теми од областа на земјоделската политика и политиката на рурален развој кои се значајни за регионот. Пример за тоа се завршните документи усвоени на претходните форуми.

Оваа година Форумот за земјоделска политика кој, како што најавивте во прашањето, ќе се одржи во Охрид, во октомври во организација на МЗШВ и Секретаријатот на SWG. Самиот Форум е конципиран така што, покрај пленарниот дел од работата, ќе има и 3 работни групи во коишто ќе се разговара и ќе се елаборираат повеќе прашања поврзани со земјоделската политика и политиката за рурален развој на земјите на Западен Балкан. Тоа, пред сé, се однесува на измените на Заедничката земјоделска политика на Европската унија за периодот 2014 - 2020 година и нивното влијание врз земјите аспиранти за членство во Европската унија. Покрај тоа, ќе се разговара и за новата форма на инструментот за претпристапна помош на Европската унија за земјите од Западен Балкан во периодот 2014 - 2020 година, и тоа, пред сé, на прашањата кои се однесуваат на територијалната и регионалната соработка во регионот на ЈИЕ. Овде најмногу внимание ќе се посвети на руралниот, но и севкупниот развој на пограничните подрачја во земјите на Западен Балкан.

 

Како посебно прашање ќе се дебатира и за можностите за зајакнување на соработката помеѓу земјите од ЈИЕ во областа на одржливо управување со шумите и водните ресурси во ЈИЕ, согледано од аспект на ингеренциите кои министерствата за земјоделство ги имаат во тој дел. Тука ќе се наметнат и теми поврзани со улогата на земјоделството и шумарството во однос на климатските промени и се очекува да се предложт мерки и активности за дејствување на сите земји во регионот во тој контекст.

 

 

Односи со јавност на МЗШВ: Оваа година редовниот Работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа се одржува во Приштина. Со каква динамика се реализраа заклуцоците донесени на министерскиот состанок кој се одржа во Македонија минатиот ноември?

Генерален секретар Бобан Илиќ: Состанокот на министрите за земјоделство од ЈИЕ кој се одржа во Македонија беше многу ефективен и заврши со заеднички заклучоци на министрите. Овие заклучоци и за земјата претседавач, но и за Секретаријатот на SWG, како и Собранието на SWG, претставуваат задачи кои треба да се завршат во период од една година.

МЗШВ и Секретаријатот на SWG веднаш започнаа со практична реализација на заклучоците. Некои од нив и претходно ги споменав кога ги набројав активностите на SWG во текот на македонското претседателствување. Самите заклучоци во завршниот документ од Состанокот на министрите, во поголем дел претставуваат насоки за делување на Секретаријатот на SWG и останатите работни тела, но во добар дел претставуваат и конкретни задачи.

На состанокот на Собранието на SWG кој се одржа во Црна Гора во мај месец се направи анализа на активностите на SWG од декември до мај и заклучок од состанокот е дека поголемиот дел од активностите набројани во заклучоците од состанокот на министрите се или завршени или иницирани и започнати со имплементација.

Сметам дека на состанокот на министерите за земјоделство во Приштина ќе се информира за завршување на сите предвидени активности согласно заклучоците и Оперативниот план на SWG за 2012 година.

 

 

Односи со јавност на МЗШВ: Која е улогата на SWG во креирањето на земјоделската  политика на земјите од ЈИЕ како членки на SWG?

Генерален секретар Бобан Илиќ: Како што е регулирано во Статутот, SWG како регионална организација нема посебен или специфичен мандат да учествува во креирањето на земјоделските политики на земјите од ЈИЕ.

Наша задача, согласно насоките од земјите членки, е да наметнуваме теми и да ги анимираме земјите членки во однос на задачите кои им претстојат во процесот на реформите во земјоделството, а кои се поврзани со интеграцијата на земјите од ЈИЕ во ЕУ. Тоа практично значи дека SWG, преку поставување на прашања и наметнување на теми од областа на интеграција на земјите од регионот во ЕУ, индиректно влијае на формулирањето на земјоделските политики во регионот. Тука, пред сé мислам на семинарите и работилниците кои заеднички ги организираме со програмата TAIEX на Европската комисија, на кои учествуваат претставници од сите земји од регионот.

Воедно, бидејќи SWG претставува и место за дијалог помеѓу релевантните институции, SWG со своите активности придонесува за интензивна размена на информации помеѓу земјите од ЈИЕ, а кои се однесуваат на нивото на достигнувањата и степенот на усогласеност на земјоделските политики на земјите од регионот со Заедничката земјоделска политика на ЕУ.

Истовремено, според заклуоците на состанокот на министрите за земјодлество од ЈИЕ одржан во Загреб, Хрватска во 2010 година, SWG ја превзеде улогата на агенција за имплементирање односно спроведување на различни регионални проекти од областа на земјоделството и руралниот развој. Во рамите на тие проекти се подготвува обемен материјал по различни теми, кој на еден или на друг начин се користи од страна на земјите членки во креирањето на нивните земјоделски политики.

Значи, нагласувам уште еднаш, SWG нема директно влијание врз формулирањето на земјоделските политики во регионот, но од друга страна, индиректно помага на земјите членки при формулацијата на нивните земјоделски политики.

 

 

Односи со јавност на МЗШВ: SWG како мегународна организација во моментов реализира проект на Европската комисија. Дали може да ни кажете нешто повеке за тоа?

Генерален секретар Бобан Илиќ: Во моментот со Европската комисија SWG има еден релативно мал ангажман односно проект кој се однесува на изготвување на основни анализи и подготовка на регионални стратегии на пограничните региони во земјите на ЈИЕ.

Поконкретно, се работи во 4 региони кои се протегаат долж границите на земјите од регионот на ЈИЕ и тоа - регионот на Преспа, регионот на Шар Планина, регионот Дрина - Сава и регионот Дрина - Тара. Во завршна фаза се изработка на анализите, студиите, стратегиите за економските потенцијали на регионите, како и можните проекти од областа на развојот на земјоделството, туризмот, инфраструктурно поврзување помеѓу земјите во кои се протегаат регионите, како и заштита на природните ресурси во определените региони.

Со еден збор, овие подрачја се анализираат во смисла на можностите за нивен сеопфатен рурален развој. Тоа се подрачја кои претставуваат природни целини, а се дел од две или три држави. Овие активности ќе завршат до крајот на септември и ќе и бидат претставени на Европската комисија.

Како што споменав, во тек се разговори за продолжување на активностите во наброените региони со формирање на т.н. групи на заинтересирани страни и формирање на регионални развојни канцеларии од страна на SWG. Во таа смисла, од заклучоците на одржаната конференција на земјите од регионот во мај минатата година во Белград, Србија, произлегоа сегашните активности на SWG во пограничните региони. Во исто време конференцијата овозможи да се воспостават и институционални релации со Европската комисија и институциите на ЕК, како што се Директоратот за проширување, Директоратот за земјоделство и рурален развој и Институтот за перспективни технолошки студии од Севиља, Шпанија. Сé на сé, стратегијата на SWG која се однесува на овој дел на активностите на SWG успешно се остварува, со големи перспективи за проширување на обемот на активностите во иднина.

 

 

Односи со јавност на МЗШВ: Која е визијата на SWG и кои се идните најзначајни активности на SWG?

Генерален секретар Бобан Илиќ: SWG како регионална организација пред сé има за цел да ја зајакне соработката на институциите во ЈИЕ чии надлежности се поврзани со прашањата од областа на земјоделството и руралниот развој, и тоа по сите прашања и нивоа, и хоризонтално и вертикално. Бидејќи, сепак оваа иницијатива е на почетокот на своето делување, и покрај видливите успеси во зајакнатата соработка помеѓу земјите, SWG сè уште треба да се консолидира во делот на јакнење на сопствените институционални капацитети за спроведување на регионални проекти и програми, како и довршување на процесот на ефективна организациона поставеност на самата организација.

SWG во својата стратегија и оперативни планови има за цел да стане самоодржлива, транспарентна и технички ефикасна организација која ќе им служи пред сé на земјите членки. Воедно, SWG во наредниот период треба да се потврди и како партнер на кој може да сметаат институциите на Европската комисија, донаторските кругови, а и да претставува и глас на регионот на ЈИЕ во однос на прашањата кои го засегаат регионот од областа на земјоделството и руралниот развој.

Овие цели на SWG во голем дел се и спроведени, со тоа што и земјите членки, а и телата на SWG треба уште многу да работат за да ги исполнат зацртаните цели од својата Стратегија за развој.