Здружувањето на земјоделците во задруги значи зголемување на нивната моќ

Дата на објава: 
7 Јули 2012
0084.jpg

Под мотото „Задругите градат подобар свет“  денеска во туристичката населба Отешево се одбележува Светскиот ден на задругите – 7 јули.

Манифестацијата, која прв пат се одбележува во Македонија и е во организација на Македонската асоцијација на земјоделски задруги – МАЗЗ со поддршка на  Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој - ЦеПроСАРД и Федерација на фармерите на Република Македонија - ФФРМ ја отвори министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

 

Земјоделците во Република Македонија, според министерот, се повеќе се соочуваат со зголемениот притисок од конкуренцијата, како на домашниот, така и на пазарите во регионот и ЕУ.

 

Заради тоа приоритетната цел на Владата во делот на земјоделството е дефинирана во сите стратешки документи да претставува зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство, истакна министерот Димовски.

Главниот проблем во постигнување на брзи ефекти во насока на задржување и зголемување на пазарното учество на македонските земјоделски производи на домашниот и странските пазари, смета дека произлегува од неповолните структурни недостатоци на нашиот земјоделско-прехрамбен сектор.

 

„Состојбата на малиот број подобро организирани субјекти на страната на побарувачката во однос на големиот број на неорганизирани примарни производители без преговарачка моќ, резултира со слаба интеграција меѓу субјектите во земјоделско-прехрамбениот пазарен систем, со непостојани или нефункционално поставени врски и често базирана на шпекулативни односи и еднострано наметнување на купо-продажни услови“, рече министерот.

 

Здружувањето на земјоделците во задруги, според министерот, значи зголемување на нивната моќ.

„Земјоделските задруги треба да ги шират позитивните искуства кај останатите земјоделци, бидејќи иднината на македонскто земјоделство е во здружувањето на земјоделците. Тоа значи намалување на трошоците, зголемување на профитот, примена на современи агро-технички мерки, како и зголемување на договарачката моќ кога станува збор за пласман на земјоделските производи“, појасни министерот Димовски.

Тој посочи дека земјоделецот секојдневно се соочува со зголемени цени за репроматеријали, фрагментирани инфорамации за пазарите и цените, индиректен пристап до пазарите по услови кои ги наметнуваат посредниците во пазарниот синџир, недостиг на капитал за инвестирање и ниска кредитоспособност.

 

„Во такви услови опстанокот особено на малите земјоделски производители на високо конкурентниот пазар на земјоделски производи се доведува во прашање. Основниот интерес за здружување на земјоделците во задруги е поврзан со разрешување на оние проблеми во стопанисувањето кои секој од земјоделците ги чувствува, но не може да ги реши поединечно и сам“, нагласи министерот Димовски.

Економското здружување на земјоделците е единствен начин за брзо концетрирање на понудата на земјоделските производители и тоа, додаде министерот е еден од приоритетите на Владата.

 

„Владата обезбедува силни мерки на поддршка како дел од севкупните политики за поддршка на земјоделството и руралниот развој, за формирањето, но и за функционирањето на земјоделските задруги. Мерките се во насока на покривање на поголем дел од оперативните трошоците“, истакна министерот Димовски.

 

Програмата за интензивирање за здружување на земјоделците, ресорниот министер посочи дека овозможува поедноставен и поповолен начин за набавка на земјоделската механизација, поволности за едукација на земјоделските производители, членови на земјоделска задруга, покривање на трошоците за нејзиното почетно работење, намалување на издатоците за користење на вода за наводнување, односно предност во подделбата на државното земјоделско земјиште.

 

Претседателот на МАЗЗ Менде Ивановски рече дека резултатите од постоечките задруги покажуваат дека здружувањето на земјоделците во задруги е успешен модел за нивно функционирање.

Земјоделските задруги имаат големо значење за развојот на земјоделството во Македонија, смета и претставникот на делегацијата на ЕУ во Македонија Џон Баркер. Тој оцени дека во земјата има многу мали земјоделски стопанства по капацитет во голем број.

Но тие имаат голем потенцијал за развој доколку се здружат во кооперативи и го подобрат производството бидејќи има големпотенцијал з аразвој на земјоделството во Македонија, подвлече Баркер, посочувајќи дека на овој начин земјоделците ќе имаат поголема можност за користување на ИПА средствата