Инвеститор од Дубаи гради откупно дистрибутивен центар во Ресен, сто нови вработувања
Дата на објава:
28 Февруари 2014Во индустриската зона Макази во близина на Ресен денеска почна изградбата на комплекс за складирање и преработка на јаболка, инвестиција на фирмата Apple Land од Дубаи во износ од пет милиони евра.
На поставувањето камен темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ључо Димовски, директорот на ТИРЗ Виктор Мизо, градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски и претставници од компанијата Apple Land.
Комплексот, според претставникот на Apple Land, Франсис Турно, ќе се гради во три фази. Во првата фаза ќе биде опфатена изградба на ладилник со капацитет од пет тони јаболко. Комплексот треба да биде ставен во функција до септември.
- Врз основа на резултатите од првата фаза, ќе продолжи изградбата на целиот комплекс, кој треба да собере десет тони јаболка и да се вработат околу 100 луѓе, рече Турно.
Со откупот на јаболката од локалните производители, како што истакна, оваа инвестиција нема да биде корисна само за нив, туку ќе биде од големо значење и за локалното земјоделство, но и за Република Македонија.