Тутунарите и откупувачите се договорија да се склучат договори со сите тутунари за реколта 2014
Дата на објава:
20 Март 2014Околу 17 отсто помалку ќе тежи годинашната реколта тутун, но сите производители кои лани склучија договори за откуп, тоа ќе може да го сторат и во 2014-та.
Со ова намалување на производството што денеска на средба го договорија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за земјоделство Љупчо Димовски, претставниците на тутунарите и откупните компании, заштитена ќе биде најранливата категорија производители која се занимава со оваа дејност од егзистенцијални причини и остварува максимален принос до 500 килограми.
- Во оваа тешка ситуација кога сите се соочивме со сериозен проблем однадвор, најдовме решение кое ќе ги задоволи сите страни. За 24.500 тутунари од вкупниот број, речиси ќе нема намалување на производството. Производителите може да бидат спокојни, ќе се заштитат сите што одгледуваат тутун од егзистенцијални причини. Може да бидат убедени и во сигурен пласман, изјави вицепремиерот Ставрески.
Тој појасни дека при склучувањето на договорите што треба да заврши до 10-ти април, количините ќе се усогласуваат пропорционално.