Министерот Димовски ја отвори манифестацијата „Денови на градинарството - Куклиш 2012“

Дата на објава: 
27 Мај 2012
 2.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска ја отвори четвртата манифестација „Денови на градинарството - Куклиш 2012“.

На манифестацијата чии организатори се  Здружението на граѓани „Кукла - Градинар“, министерот Димовски ја истакна заложбата на МЗШВ за  забрзан развој на аграрот, а посебно на раноградинарството како водечка гранка од земјоделството.

- Македонија, а посебно Куклиш, со својата блага клима е секогаш пред соседите, не само по својата раностасност, туку и по својот квалитет. Годинава нашата заложба за интензивен развој на градинарството ја покажавме со зголемување на субвенции во делот на производството под пластеници и оранжерии, а зголемени се и субвенциите за зеленчукот, кој ќе биде предаден во нашите преработувачки капацитети. Со Програмата предвидовме поддршка од 90 илјади денари за хектар за производителите на домати, пиперки, краставици и режано цвеќе под контролирани услови за производство. За земјоделците кои зеленчукот ќе го продадат во домашните конзервни фабрики, од буџетот се обезбедени дополнителни 1,5 денари за килограм, освен за пиперки и корнишони, за кои од буџетот се одвоени по 2 денари за килограм рече Димовски.

За значењето на градинарството во македонскиот аграр, како што рече, доволно покажува фактот што дури 28 отсто од  вкупно остварениот  прихот од аграрот отпаѓа на градинарството.

- Македонското градинарство својот историски рекорд во извоз го оствари во 2010 година, кога беа остварени 424 милиони евра. Во 2011 година извозот порасна за 10,6 отсто или лани беа извезени раноградинарски производи во вредност од 461 милион евра, а овој тренд продолжува и во првите месеци од годинава, нагласи министерот Димовски.

Според него, идниот развој на градинарството Македонија го гледа во директна помош преку Програмата за рурален развој, задругарството и со почетокот на работата на Центарот за производство на домашен сертифициран семенски и саден материјал, чија изградба треба да почне нескро. Употребата на квалитетн сертифициран семенски и саден материјал верувам дека уште повеќе ќе ја зголеми конкурентноста на овој сектор, а конкуренцијата во откупот на земјоделско-прехранбените производи преку изградба на откупно-дистрибутивни центри за овошје и зеленчук, уште поинтензивно ќе го етаблира македонското градинарство како современа, профитабилна и перспективна гранка од македонското земјоделско производство.

Претседателот на „Кукла - Градинар“, Васе Митушев упати благодарност до покровителите на манифестацијата - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство струмичката локална самоуправа и повеќе компании.

- Горди сме што нашата идеја е прифатена, не само од институциите и производителите, туку и од откупувачите, финансиерите и производителите на заштитни средства и репроматеријали, со што нашата манифестација станува мал саем на градинарството, нагласи Митушев.

По завршувањето на манифестацијата министерот Димовски заедно со пратеникот од Струмица Славе Гошев заминаа во општина Ново Село каде остварија средби со земјоделците од оваа општина, а ги посетија и земјоделските површини во атарите на селата Сушица, Зубово кои беа зафатени од невреме кое беше проследено со град.