Потпишан Аранжман за соработка во земјоделскиот сектор помеѓу Македонија и Израел

Дата на објава: 
14 Мај 2012
JPG

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски и неговата колешка министерката за земјоделство на Државата Израел, Орит Нокид, денес во вечерните часови за време на првиот ден од посетата на министерот Димовски на Израел потпишаа Аранжман за соработка.

 

Со Аранжманот за соработка во областа на земјоделството помеѓу Република Македонија и Државата Израел се формализира соработката помеѓу двете земји, која во последните години се интензивира и тоа со реализација на проекти и програми за техничка поддршка, пренос на современа израелска технологија, знаење, искуства, како и преку специјализирани обуки и други форми на поддршка од израелска страна.

 

Протоколот за соработка во областа на земјоделството е основа за продлабочување и унапредување на билатералната соработка во областа на земјоделскиот сектор. Тој предвидува градење на капацитети и размена на знаење, размена на искуство во земјоделски техники и технологија,  соработка на ниво на советодавните служби, размена на информации од областа на земјоделството, промовирање на јавни – приватни партнерства (ЈПП),  диверзификацијата и интензивирање на земјоделското производство, со особен акцент на сточарството и градинарството, овоштарството, руралниот туризам, управувањето со вода и иновативните технологии за наводнување, заштита на земјиштето и соодветни земјоделски практики, но и производство на сертифицирано семе и саден материјал, како и други форми на соработка меѓу двете министерства.

 

Предвидена е и размена на знаењето во областа на земјоделството преку размена на податоци кои се однесуваат на законите за земјоделство, статистички податоци и сите други работи кои се од заеднички интерес.

 

Со цел да се овозможи интензивирање на трговијата со земјоделски производи меѓу Република Македонија и Израел, ќе ја поттикнеме размената на информации кои се однесуваат на соодветните регулативи од областа на фитосанитарната политика, заштитата на растенијата и ветеринарството.

 

Аранжманот влегува во сила на денот на потпишувањето и ќе остане во сила за период од пет (5) години. По истекот на овој рок, тој автоматски ќе биде продолжен за  нови пет (5) години.