Потпишан протокол за соработка во земјоделскиот сектор помеѓу Македонија и Литванија

Дата на објава: 
9 Мај 2012
JPG

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски и неговиот колега министерот за земјоделство на Република Литванија, Kазимиерас Старкевичиус, вечерва за време на посетата на министерот Димовски на Литванија потпишаа протокол за соработка.

Протоколот за соработка во земјоделскиот сектор помеѓу министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија и министерството за земјоделство на Република Литванија е основа за унапредување и проширување на билатералната соработка помеѓу двете земји.

Имајќи ја предвид значајноста на земјоделскиот сектор во двете земји, а согласно националните земјоделски политики и развојни програми, овој протокол ќе придонесе за зголемување на трговската размена на земјоделски и прехранбени производи, особено свеж зеленчук и овошје и нивни преработки од Македонија и млеко и млечни производи од литванска страна. Ќе се прошири и соработката во евро - интеграциските процеси во земјоделскиот и руралниот сектор, како и рибарството и аквакултурата преку размена на искуства, пренос на знаење и други форми на техничка помош со цел зајакнување на македонските административни и институционални капацитети и искористување на искуството стекнато од литванските колеги.

Ќе се размени искуство во областа на земјоделската и руралната политика, како и рибарството и аквакултурата, во областа на здравјето на растенијата и фитосанитарната политика, во областа на управување, преструктуирање на земјишните парцели,  како и во областа на геодетските и картографските активности - идентификација, размена, контрола на квалитет и ажурирање на системите за идентификација на земјишни парцели.

Еден месец по потпишувањето на протоколот според договореното ќе се формира управен комитет кој ќе биде составен од шест (6) преставници од секоја земја со цел да се следи и поттикнува спроведувањето на соработката предвидена со протоколот.

Протоколот влегува во сила на денот на потпишување и ќе остане во сила за период од пет години. Истиот автоматски ќе биде продолжен по истекот на овој рок.