Државниот секретар Јашари се сретна со генералниот директор на Oрганизацијата за храна и земјоделство на ОН- ФАО

Date of publication: 
20 April 2012
DSC03593.JPG

Во рамки на 38-та сесија на Европската комисија за земјоделство и 28-та ФАО Регионална конференција за Европа, кои се одржаа од 17 до 20 април 2012 во Баку, Азербејџан, државниот секретар на Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство г. Бесир Јашари оствари средба со генералниот – директор на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации – ФАО, г.Жозе Грацијано да Силва.

 

На средбата се потврди заедничкиот интерес за соработка на полето на безбедноста на храната, одржливото производство и производствените системи, како и искоренувањето на неисхранетоста во светот и развој на земјоделскиот, шумарскиот и прехранбениот сектор.

 

Државниот секретар, г. Јашари изрази благодарност за поддршката која ФАО ја обезбедува за Република Македонија во минатите години и тоа во форма на развојни програми, техничка помош за модернизација на македонскиот земјоделски, шумарски и прехранбен сектор. Заедничка констатација на државниот секретар Јашари и да Силва е со заложба на двете страни, вака воспоставената соработка да продолжи и во иднина.

 

На состанокот беа презентирани приоритетните области кои во следниот период ќе бидат поддржани од програмите за техничка соработка на ФАО и тоа, техничка помош за изработка на педолошка карта на Република Македонија и ажурирање на Националната стратегија за органско производство за кои Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство има доставено официјално барање во декември 2011 година. Дополнително се истакна потребата од поддршка во областа на заштита на растенијата, пред сè на спречување на ширењето на штетникот Tuta apsoluta кој може да го загрози развојот на градинарското производство. Истакната беше и потребата за подготвување на Национална стратегија за земјоделство и рурален развој 2014-2020, воспоставување и развој на Шумарскиот информативен систем, консолидација на земјоделско земјиште, рибарството и аквакултура и друго. Да Силва, во дискусијата, покажа посебен интерес на регионалната соработка на Република Македонија.