Димовски и Коњаноски на средба со тутунарите во Прилеп

Date of publication: 
17 March 2012
17032012306.jpg

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски и заменик министерот Зоран Коњаноски денеска во Прилеп имаа средба со тутунарите, организирана преку Сојузот на тутунските здруженија. Целта на средбата е законското завршување на откупот на ланската и евентуалните проблеми во подготовките на годинашнава реколта тутун.
Димовски констатира ланската реколта тутун е успешно откупена. Просечната цена од 163,7 денари е многу солидна за откупените 20.388 тони од кои само 14.000 тони во прилепско. Тутунарите ќе ги добијат 60-те денари државна субвенција по килограм откупен тутун. Тоа значи дека во прилепско, кривогаштанско и долненско тутнарите ќе добијат околу 56 милиони евра од државата на име субвенции кои ќе се исплатат во законскиот рок до 30 јуни.
Министерот со тутунарите  разговараше за проблемите што ги имаат при подготовките за новата реколта и за подигнувањето евидентни листови од Министерството како дозвола за планираното производство. Најголемите проблеми се околу вадењето имотни листови, пред се, поради нерешени имотно правни прашања.
- Со закон е пропишано дека мора да се спроведе постапката и тој мора да се почитува. Но, имаме разбирање за проблемите  на земјоделците. Подготвивме информација до Владата со наш предлог да бидеме потолерантни за да бидат задоволни земјоделците, зашто проблемот со имотно-правните односи  е децениски, па сме на пат да изнајдеме решение за крајно да не ги оштетиме земјоделците, рече Димоски
Сојузот на здруженијата на тутунопроизводителите на Македонија во меѓувреме ги почна преговорите со откупувачите за цените по каси. Сојузот ги испрати своите барања до откупувачите – задоволни се од нивниот предлог за првата класа од 240 денари, но бараат 180 за втора, а за трета класа се бараат 135 денари наместо сегашните 120 денари  што ги нудат фирмите. Досега нема одговор на ова од откупувачите.
Министерот Димоски ги отфрли критиките дека доцнат субвенциите за  производителите на житните култури. Напротив, вчера се исплатени дополнителни 198 милиони денари за производството на пченица, јачмен, сончоглед, ориз. Претходно им се исплатени 373 милиони денари.
- Тоа е поддршката на министерствата за земјоделство и финансии и на владата за земјоделците кои се пред пролетните активности и дополнителните трошоци, изјави Димоски. Наскоро во Министертвото за земјодество ќе има средба на сите засегнати страни во тутунопроизводството, Сојузот на тутунските здруженија, Институтот за тутун, а и на  откупувачите за успешна годинашна реколта.