Од годинава се зголемуваат субвенциите за сточарите

Date of publication: 
23 February 2012
MIK.jpg

Од годинава се зголемуваат субвенциите за сточарите со цел да се намали увозот, посебно на јунешкото месо, за кое досега Македонија беше увозно зависна, истакна заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски по денешната посета на фабриката за преработка на месо и месни производи „МИК“ од Свети Николе.

 

- За секое заклано теле во кланичен капацитет, сопствениците ќе добијат по 2.000 денари, доколку е старо меѓу осум и 18 месеци и дополнителни 1.500 денари за сочувано женско грло и придадено на основното стадо. По 1.500 денари субвенции ќе има и за секое сочувано женско јагне или јаре, а производителите на сточна храна ќе добијат по 1.000 денари од хектар, рече Коњановски.

 

Тој истакна дека идејата за средби со менаџерски тимови од месните индустрии дошло по претходните со сточарите.

 

- При неодамнешната средба со сточарите од Мариово, бев запознаен дека таму има огромни капацитети и можности, а Македонија има големи компаративни предности во однос на другите земји за номадско производство на говеда и останат добиток и затоа сакав да направиме еден спој меѓу тие производители и месната индустрија, да можеме да ги прифатиме тие производи и да ги пласираме на домашниот пазар, вели Коњановски.

Сопственикот на „МИК“, Владимир Георгиев информираше дека во производството на месни производи и досега се потпирале врз домашниот сточен фонд и оти со истата пракса ќе продолжат и во иднина.