Продолжува поддршката на проектите за агроенергија

Date of publication: 
22 February 2012
agroenergija.JPG

Денес, во рамките на проектот за агроенергија, беше одржан состанок на Насочувачкиот комитет за агроенергија, со кој претседаваше заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски. На состанокот беше разгледана реализацијата на досегашните фази од проектот при што беа разгледувани идните планови и идните чекори од реализација на проектот.

“Промоцијата на одржливи практики за користење на обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност на фармите и останатите земјоделски субјекти во руралните средини во Република Македонија, се во фокусот на министерството за зејоделство, шумарство и водостопанство бидејќи истите се од корист за земјоделците. За таа цел како министерство стоиме на располагање, и во иднина да ги разгледаме сите аспекти за користење на финансиски средства за оваа намена од програмата за рурален развој, односно да ги финансираме проектите за агроенергија. Нашата поддршка секогаш ќе биде насочена кон проектите кои се значајни и корисни за земјоделците” - истакна пред присутните заменик министерот Коњановски.

Потенцирајќи го значењето на овој проект поддржан на Шведската Агенција за Соработка и Развој – СИДА а кој го реализира Центарот за промоција на одржливи практики во земјоделството и руралниот развој, заменик министерот Коњановски ја истакна и потребата од формирање на работна група која во иднина ќе има за цел модификација и дефинирање на нови мерки во ИПАРД Програмата. Во тој контекст беше заклучено во наредниот период да се разгледаат искуствата на повеќе земји од регионот и да се пристапи кон дефинирање на нови мерки кои ќе бидат од огромно значење на земјоделците, како што се и досегашните шест реализирани проекти од овој проект.  

На денешниот состанок во насока на афирмирање на потребата и користењето на обновливи извори на енергија за добивање на биогас, користење на сончевата енергија, користење на ветерната енергија на фармите и користењето на шумскиот и дрвниот отпад, беше востановена и потребата од медиумско претставување и информирање на земјоделците. За таа цел во наредниот период обуки за агроенергија ќе бидат спроведувани од страна на вработените во Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството кои претходно ќе бидат обучени за вршење на обуки од овој вид.

Членовите на насочувачкиот комитет ја поздравија активната улога на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во контекст на користењето на обновливите извори на енергија во функција на земјоделството истакнувајќи ја потребата за продолжување на успешната соработка.