Нова владина поддршка за зголемување на сточниот фонд

Дата на објава: 
15 Февруари 2012
Konjanovski -Staravina.JPG

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски во придружба на градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски денеска престојуваше во село Старавина и оствари средба со сточарите од Мариово каде по интервентното расчистување на снегот, продолжи комуникацијата со населението и снабдувањето со храна и лекови.

 

За време на посетата, заменик министерот Коњановски ги информираше сточарите за новата владина програма, новите мерки и политики со кои е обезбедена директна финансиска поддршка и нови земјоделски субвенции за фармерите, како и за поттикнување на развојот на сточарството.

 

- Од предвидените 113 милиони евра, околу 35 милиони ќе бидат наменети за развој на сточарството. Оние што одгледуваат крави ќе добијат дополнителни 1.500 денари поддршка доколку женското грло добиток го додадат на основното стадо, плус 700 денари за оставено женско јагне кон основното стадо овци и нови 300 денари за оставено женско јаре кон основното стадо кози. Дополнително ќе се доделуваат и по 2.000 денари за предадени и заклани говеда со старост од 8 до 18 месеци во кланичните капацитети, истакна Коњановски.

 

Тој најави и поддршка за земјоделците кои произведуваат сточна храна.

 

- Обезбедивме дополнителни 1.000 денари субвенции за производителите на сточна храна. Нашата цел е да го зголемиме сточниот фонд во Република Македонија, а со тоа да овозможиме позитивни ефекти и инвестиции во месната индустрија, посочи Коњановски.

 

Сточарите од мариовскиот регион на средбата со заменик министерот ја поздравија владината одлука за директна финансиска поддршка на развојот на сточарствто и нововостановените мерки. Ако изминатите две децении имаше ваква и континуирана поддршка, тогаш, нагласија, во Мариово сигурно ќе имаше поголемо производство и побогат сточен фонд.

 

Со интревенција на локалната самоуправа и ангажманот на раководствата на РЕК Битола и на подружницата на ЈП „Македонски шуми“ - Битола, патиштата во мариовскиот дел на општина Новаци се чисти и проодни, беше констатирано за време на денешниот престој на заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски во Старавина