Министерот Љупчо Димовски на 36-то традиционално Советување за заштита на растенијата

Date of publication: 
7 December 2011

Универзитетски експерти и претставници на научно-истражувачки центри од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Романија и од Косово ќе дискутираат на актуелни теми и проблематика од областа на фитосанитарниот систем во рамки на 36-то традиционално Советување за заштита на растенијата што во организација на академското Здружение за заштита на растенијата на Македонија, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и националната Фитосанитарна управа денеска и утре се одржува во Охрид.

 

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски, кој го отвори меѓународниот научен собир, во оваа прилика потсети на високите оценки што ги има добиено Македонија во последниот извештај на Европската комисија, за поглавјата 11, 12 и 13 што се однесуваат на активностите на Министерството за земјоделство, пред се во процесот на исполнување на европските стандарди кога станува збор за заштита на растенијата и производството на здрава и безбедна храна.

 

- Она што останува како проблем за решавање е токму овој дел што се однесува на фитосанитарната контрола, за кој се дискутира овде во Охрид. Министерството за земјоделство, во консултација со научните институции - Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје и Земјоделскиот факултет од Штип, интензивно работи на изготвување програма насочена пред се токму кон заштита на интересите на македонскиот земјоделец, преку обезбедување здрав, сертифициран семенски материјал, третман со соодветни заштитни препарати и ѓубрива, истакна министерот Димовски.

 

Тој истакна дека Република Македонија има стратегија за развој на земјоделството, која веќе бележи резултати.

 

- Показател на тоа е податокот дека наспроти 242 милиони евра остварени од извозот на македонските земјоделски производи во 2006 година, минатата година во таа област се реализирани 440 милиони евра, што е безмалку двојно повеќе. Последните податоци за оваа година говорат дека извозот ќе биде зголемен на околу 500 милиони евра. Тоа е резултат на трудот на македонските земјоделци, но и на активностите што Министерството и Владата ги преземаат за унапредување на аграрот, додаде министерот Димовски.

 

Станислава Лазаревска, претседател на Здружението за заштита на растенијата во РМ, кое е домаќин на собирот во Охрид, истакна дека фитомедицината или здравјето на растенијата е значаен дел од поглавјето за безбедност на храната.