Кинески компании се запознаа со можностите за инвестирање во македонското земјоделство

Date of publication: 
26 October 2011
Kineska delegacija-Minister 002.jpg

Продлабочување и интензивирање на воспоставената соработка на полето на земјоделството, договорија на денешната средба министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и Ван Хуа, заменик директор на Комисијата за земјоделство на провинцијата Анхуи од Народна Република Кина. Во текот на тридневната посета на Република Македонија, претставниците од  компаниите од земјоделско- прехранбениот сектор на НР Кина, се запознаа со капацитетите и потенцијалите на земјоделскиот сектор на Република Македонија, особено винскиот сектор, производството на овошје и зеленчук, со оранжериското производство и можностите за инвестирање во искористување на геотермалната енергија во областа на земјоделството.

 

Во рамки на посетата денеска се одржа и мал бизнис форум на кои беа претставени македонските можности за извоз на компаниите од земјоделско прехранбениот сектор. Во рамки на форумот, компаниите членки на Сојузот на стопански комори, на  Стопанската комора на Република Македонија и на Асоцијацијата на преработувачи на Македонија остварија билатерални средби со претставниците на кинеските компании.

 

Во изминативе неколку години, земјоделството во Република Македонија доживува  вистинска експанзија. Евидентираме зголемување на квантитетот и квалитетот на целокупното земјоделско производство. Позитивни се резултатите во лозаро-винарскиот сектор, во производството на овошје и зеленчук, како и во областа на тутунопроиозводството и другите индустриски култури. Поаѓајќи од ставот дека само добро организирани земјоделци се продуктивни земјоделци, сега нашите напори преку програмите за поддршка  се насочени кон  организирање на производителите – рече министерот Димовски.

 

Особена грижа, додаде тој водиме и за преработувачкиот сектор и затоа на заинтересираните  домашни и странски инвеститори им нудиме големи поволности  за инвестирање во  земјоделско- прехранбената индустрија преку  давање под закуп на државно земјоделско земјиште и можност за инвестирање во слободните економски зони. ,, Сите напори сега треба да ги насочиме кон продлабочување на воспоставената соработка во рамки на Протоколот за продажба на ориентален тутун на кинескиот пазар. Голема е и можноста за продлабочување на соработката преку пласирање на македонско вино на големиот кинески пазар каде и досега сме присутни преку одржувањето на неколку презентации на македонски вина,, - потенцира министерот Димовски.

 

Менаџерите на кинеските компании и претставниците на Комисијата за земјоделство на провинцијата Анхуи ги изразија своите импресии од посетата на Република Македонија. Во текот на тридневната посета, кинеската делегација се запозна со  можностите и потенцијалите за производство на јапонски јаболка и калинки во Валандово, на јаболка во Ресен, а во Струмица  го посетија  најголемиот откупно-дистрибутивен центар за овошје и зеленчук ,, Агрокор,,.

 

Во рамки на деловната посета на Република Македонија, членовите на кинеската делегација имаа можност да ги дегустираат македонските вина, а се запознаа и со производството на ориз во нашата земја.