Македонија ќе ги обучува израелците како се прават вински патишта

Дата на објава: 
5 Септември 2011
tikves 002.jpg

Поврзување на винските патишта на Република Македонија и Израел, но, пред се пренесување на македонското искуство за тоа како како да се обедини  јавниот и приватниот сектор, да се креира развој на винските патишта преку кои ќе се унапредува и развива винскиот, а преку него и културниот и руралниот туризам. Ова се дел од заклучоците на денешниот состанок на претставниците на Фондацијата Тиквешки вински пат со израелската делегација која ја предводи Орид Нокед, министер за земјоделство и рурален развој на Израел.

- Се договоривме наскоро претставници на израелските вински патишта да дојдат во нашата земја со цел да видат како функционира македонскиот - Тиквешкиот вински пат, бидејќи како што ни кажаа, за разлика од нас, нивните искуства во овој дел се мали, винските патишта се во почетната фаза на формирање. Горди сме што израелската делегација изрази воодушевување од фактот дека македонските вински патишта преку Фондација се членки на престижниот Меѓународен културен коридор и винските патишта на Западна Европа – рече Дивна Јордановска, извршен директор на секторот вино во Фондацијата Тиквешки вински пат.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, Владата на Република Македонија го препознава значењето и потенцијалот за развој на овој сектор и затоа преку програмите за финансиска поддршка на земјоделството и Програмата за рурален развој  ги поддржува производството на грозје, на вино и развојот на алтернативниот туризам.

На состанокот на кој присуствуваа и претставници од компаниите кои се занимаваат со производство на овошје истакната беше потребата  за обезбедување на израелска експертска помош во делот на воведување на нови техники и технологии во производството, како и во промена на сортиментот и експертска помош за  унапредување на системите за наводнување.

Истакната беше и потребата за едукација на производителите во областа на  пакувањето на земјоделските производи и маркетингот.

Фондацијата Тиквешки вински пат со израелските претставници  разговараше и за можноста за отворање на агробизнис тренинг центри во Тиквешкиот регион, со цел  едукација на малите  и средните претпријатија и на земјоделските производители за унапредување на производството како и пружање на стручна помош при изработка на бизнис плановите.

Ѓорѓи Петрушев, директор на винарската визба ,,Тиквеш,, каде се одржа состанокот и претставникот на винаријата ,,Стоби,, потенцираа дека интерес на производителите на вино е да се пробијат на израелскиот пазар како производители на квалитетно вино.

Од состанокот произлезе и заклучокот за воспоставување на  партнерство на македонските и израелските земјоделски здруженија и  со цел размена на искуства  и  воведување на техники и технологии во производството кои ќе го заголемат квалитетот и конкуретноста.