Откупот на грозјето во Кавадаречко без проблеми

Date of publication: 
3 September 2011
konjanovski ok 1.jpg

Откупот на првите количини грозје во Кавадаречко се одвива без какви било проблеми, цените се навреме истакнати, а регуларна е и проценката на квалитетот. Ова денеска директно имаше можност да го види и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски кој посети неколку откупни пунктови.

- Дојдов да се уверам како тече откупот. Посетив неколку пунктови, разговарав со оние што го произведуваат грозјето, но и со оние што го преземаат. Иако откупната сезона е на почеток, сите се задоволни, изјави Коњановски.

Целта на Владата, напомена заменик-министерот, е да помага во дијалогот меѓу лозарите и винарите за да се постигне кооперантски однос меѓу двете страни.

-   Договореното е најсигурно. Затоа упорно ќе работиме на приближување и помагање на дијалогот, истакна Коњановски.

Според него, активностите на ресорното Министерство за надгледување и спроведување на откупот што почна пред околу 40 дена преку средби со винариите и лозарите веќе даваат резултат.

- Мислам дека се постигна договор меѓу двете страни за откупната цена и за поддршката од државата која изнесува два денара за секој предаден килограм грозје и 1,5 односно 2,5 денара за секој откупен килограм бело односно црно грозје, истакна заменик-министерот.

Како што информира директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Румен Стаменов, засега нема сознанија за манипулации при откупот, ниту има поплаки околу проценката на шеќерните единици.

- Во овие три до четири дена колку што трае откупот нема незадоволство кај производителите. Ако имаме сознанија за малверзации, подготвени сме да направиме контроли во соработка со Институтот за вино. Цврсто сме решени секој што ќе се обиде да го изигра Законот, да биде санкциониран. Казните се јасно прецизирани, рече Стаменов, додавајќи дека инспекторите се постојано на терен и го следат откупот.

Тодор Анѓелов, откупувач за „Повардарие“ Негоино, потврди дека преземањето на грозјето тече без проблеми. – „Повардарие“ ги прифати цените кои годинава се познати пред откупот, а се услов за реализирање на владината поддршка, нагласи Анѓелов.

Годинашниот род грозје е речиси ист како лани. Се очекува да бидат откупени околу 120 до 150 илјади тони грозје. Залихите на винарските визби, како што посочи заменик-министерот Коњановски, се многу помали во однос на минатата година поради што и не би требало да има пречки за преземање на родот.