Продолжува забраната за движење во шуми до 10-ти септември

Date of publication: 
1 September 2011
Minister pozari 01 09 2011 015.JPG

До 10-ти септември продолжува 24 часовната целосна забрана за движење во шуми и шумски појаси, поради најавените релативно високи температури во следните две недели и отсуството на подолготрајни врнежи,соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Како што информира министерот Димовски, од 8 часот и 30 минути вчера до денеска во истото време се регистрирани 47 пожари од кои 17 класични, 27 на отворено и три урбани.

- Владиното Координативно тело за заштита на шумите од пожари исто така препорачува градоначалниците да ги ангажираат сите персонални и материјално-технички ресурси за заштита и спасување при појава на природни непогоди и пожари, во овој критичен период да одржуваат секојдневни состаноци со надлежните институции на локално ниво, јавните претпријатија и концесионерите на ловиштата и пасиштата со цел следење на состојбата со пожарите, како и во зависност од можностите да набават апарати за рачно гаснење на пожарите, истакна Димовски.

- Уште еднаш апелирам земјоделците да ги почитуваат законите и да не палат стрништа. Од денеска ќе има ригорозни инспекциски контроли и ќе се санкционира секој прекршок, нагласи министерот.

Според Законот за ловство глобата за палење стрништа, плевели и други растителни отпадоци се движи од 6 до 8 илјади евра за правни лица и од 1,5 до 3 илјади евра за физички лица. Освен казните за сторениот прекршок,  треба да се надомести и штетата.

Дирекцијата за заштита и спасување само за периодот од 20 јули до 31 август ангажирала околу 500 лица во гаснење на пожарите. Реализирани се и 404 лета со двата авиона за гаснење на пожарите. ЈП Македонски шуми, пак, ангажирани  1.500 лица со теренски возила и рачна опрема.

Шумската полиција во периодот на целосната забрана на движењето во шумите воведе 24 часовно патролирање на целата територија на Македонија. За таа цел секојдневно се ангажирани по 30 тимови.

Со цел превенција од натамошна појава на пожари и евентуално ширење на постојните, Министерството за внатрешни работи е задолжено во текот на забраната за движење низ шумите да го зголеми присуството на свои припадници во шумските региони, а Државниот инспекторат за земјоделство во координација со  Државниот инспекторат за шумарство и ловство да ги засили контролите на терен и да преземе мерки за превенција во случај на палење стрништа.

-Се препорачува ЈП „Македонски железници“ да го отстрани горливиот материјал, сува трева и ниски растенија, во близина на пругите, особено на железничките правци каде што постои изразена опасност од опожарување. Државниот инспекторат за шумарство и ловство  и Јавното претпријатие за стопанисување со пасиштата преку своите служби треба да ги известат корисниците на дивечот во ловиштата и корисниците на пасиштата активно да се вклучат во заштитата од пожари, порача министерот Димовски.

Согласно Законот за шуми, казната за физичките лица кои  ќе бидат затекнати во шума за време на забраната за движење  без одобрение изнесува 2 до 3 илјади евра, додека за правните лица кои не преземале мерки за заштита  на шумите од пожари е од  15 до 20 илјади евра.

Од почетокот на годинава до 1 август се евидентирани 143 шумски пожари при што е причинета штета на 2.300 хектари. Опожарени се 3.700 метри кубни дрвна маса од кои 500 метри кубни четинари.