Палењето на стрништата, најголема опасност за шумските пожари

Дата на објава: 
8 Август 2011

Како последица на зголемените температури од топлотниот бран кој деновиве повторно ја зафати нашава држава, зголемен е и ризикот од појава на шумски пожари. Секторот за аналитика и истражување при Дирекцијата за заштита и спасување предупредува дека во текот на утрешниот ден, во беровскиот,битолскиот, дебарскиот, во околината на Лазарополе, Маврово, во Валандовско и во охридско - струшкиот регион, зголемена е опасноста од појава на шумски пожари. Поради екстремно  сушниот период предизвикан од високите температури и најавата на Управата за хидрометеоролошки работи за појава  на засилен ветер во текот на наредните денови ќе подигнат е степенот на мобилност на екипите за  заштита од пожари и во регионот на Преспа, Прилеп, Радовиш, Скопје, на Солунска Глава како и во тетовскиот, велешкиот и во регионот на Пробиштип.

Оперативното координативно тело за заштита на шумите од пожари на денешниот состанок констатира дека 80 проценти од досегашните пожари се последица на палење на стрништата. Поради ваквата состојба Телото апелира до земјоделците да не ги палат стрништата бидејќи тоа е забрането со закон. Казната за палење на стрништа, плевели и други растителни отпадоци се движи од 6 до 8 илјади евра за правни лица и од 1,5 до 3 илјади евра за физички лица. Освен казната, сторителот ќе треба да ја надомести и штетата.

Се потсетуваат граѓаните дека на сила е воведената делумна забрана за движење во шумите.Казната за физичките лица кои  ќе се затекнат како се движат во шума за време на забраната без посебно одобрение од  корисникот или сопственикот на шумата се движи од 2 до 3 илјади евра. За правните лица кои не преземале мерки за заштита  на шумите од пожари казната изнесува од  15 до 20 илјади евра.

Координативното тело за  заштита на шумите од пожари апелира до граѓаните да не користат запаливи материи на отворен простор, кои можат да предизвикаат пожар од пошироки размери. Возачите и патниците со автомобили и друиги превозни средства да не фрлаат догорчиња или неизгаснати цигари за да не се предизвикаат пожари долж патиштата. Телото препорачува работниците во шума да ги зголемат мерките на претпазливост за да не дојде до опожарување на околината.

Секоја појава на пожар или опасност од пожар, граѓаните можат да ја пријават на бесплатниот телефон за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи, на бројот 193, како и на отворената телефонска линија 02-155-22 на  јавното претпријатие ,,Македонски шуми,,.

Опаретивно координативно тело за заштита на шумите од пожари