Владата донесе нови марки за заштита на пазарот со пченица и брашно

Date of publication: 
31 July 2011
 30.07 006.jpg

Врз основа на неколкуте одржани состаноци со претставниците на земјоделските здруженија и на компаниите од мелничко-пекарската индустрија, на предлог на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Владата на Репблика Македонија на својата втора седница, донесе одлука за воведување на сет мерки во секторот земјоделство.

Имајќи ја во предвид актуелната состојба со жетвата, пред се на пченицата, но и законската обврска за обезбедување на потребните количини пченица за државните резерви, Владата на Република Македонија ја задолжи Агенцијата за стоковни резерви во рок од 7 дена да објави Јавен оглас за набавка на 40.000 тони пченица за потребите на стоковите резерви.

За да го стабилизира домашниот пазар со пченица и брашно, Владата донесе одлука во наредните три месеци  увозот на 1 кгр брашно да се услови со обврзувачки откуп на 4 кгр пченица од домашно производство. Исто така  воведена е и мерката со која до месец октомври се забранува извоз на меркантилна пченица.

Државниот инспекторат за земјоделство врз основа на последната одлука на Владата покрај постојаната контрола на откупот на пченица, ќе врши и дополнителна контрола на млиновите со што ќе се евидентираат откупените количини пченицата наменети за преработка во брашно. Државниот инспекторат за земјоделство ќе ги евидентира и количините на брашно со кои млиновите ќе го вршат плаќањето на откупената пченица во натура.

Со цел да се  спречи нелегалното производство и продажба на леб, Владата на Република Македонија  го задолжи Пазарниот инспекторат да изврши засилени контроли на  сите пекарници во државава.

ЈП „Агро берза“ во наредните денови ќе го интензивира ускладиштувањето на домашна пченица  за месечна закупнина по цена од 40 ден/тон.

Владата на Република Македонија ја задолжи Агенцијата за храна и ветеринарство да воведе строга контрола на квалитетот на увозните земјоделски производи на граничните премини  со цел да се обезбеди увоз на квалитетни производи, согласно европските стандарди.

Од утре, Државниот инспекторат за земјоделство ќе врши и дополнителна контрола кај сите винарски визби на документите за откупените количини грозје од минатата година, контрола на произведените количини вино, контрола на количините продадено вино како и контрола на моменталните залихи на вино. Ќе се проверува и состојбата со исплатата на откупеното грозје, заклучно со 2009 година, согласно измените и дополнувањата на Законот за вино.