Координирани акции за справување со шумските пожари

Date of publication: 
22 July 2011

Во кодинирана акција на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување и бригадите за противпожарна заштита, и денеска се гаснеа повеќе пожари во Република Македонија.

Во текот на денешниот ден, ЦУК информира дека во близина на железничката станица Рајко Жинзифов (Скопје - Велес) се појави пожар кој се проширува кон непристапен повисок планински дел, над пругата. Теренот е со сува трева и ниска деградирана шума. Поради непристапност на теренот,пожарот ќе се гасне со авион на Дирекцијата за заштита и спасување.

Вчера, на територијата на Република Македонија,  се гаснеа пожари на неколку локации. Само во скопско според Центарот за управување со кризи биле евидентирани 17 пожари каде биле зафатени локации претежно со сува трева. Во гаснењето на пожарите во скопскиот регион интервенирале пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Во кумановско биле регистрирани шест пожари. Опожарена е површина со сува трева, стрништа и ниска деградирана шума. Пожарите во селата Руѓинце каде се опожарени 1.200 хектари, во Белановце и Бајловце, вчера биле реактивирани. Од пожарот во село Ваксинце опжарени се 200 хектари, во село Шупли Камен 50 хектари, во село Мургаш 40 хектари.Во селото Пендаќ  опожарени биле шест хектари.

Во гаснењето на опожарените локации според ЦУК учествувале припадници на Територијалните противпожарни единици од Куманово, Ранковце и Крива Паланка, и од Дирекцијата за заштита и спасување. Во акцијата за  гаснење на пожарите во овој регион се вклучило и доброволното противпожарно друштво од Старо Нагоричане.

Според Регионалниот центар за управување со кризи од Штип,  во ова подрачје регистрирани биле два пожари, со кои е зафатена површина со сува трева и стрништа на површина од еден хектар во село Трсино.     Охридскиот Регионален центар за управуње со кризи јавува дека вчера бил регистриран само пожар во кичевско. Во гаснењето на запалената сува трева во овој регион интервенирале припадници на Територијалната противпожарна единица од Кичево. Во струмичкиот регион, според Регионалниот центар за управување со кризи од Струмица регистриран бил еден пожар, со кој била зафатена пшовршина од 20 хектари со сува трева и нискостеблеста шума во селата Колешино и Бориово. Во гаснењето учествувале припадници на Територијалната противпожарна единица од Струмица и Шумското Стопанство „Беласица„ од Струмица.

Според информациите од велешкиот Регионален центар за управување со кризи, во кавадаречкиот, неготинскиот и светиниколскиот регион, во текот на вчерашниот ден биле регистрирани осум пожари со кои биле зафатени површини со сува трева. Во гаснењето на пожарите биле ангажирани припадници на Територијалните противпожарни единици од Кавадарци, Неготино и Свети Николе, како и Противпожарната единица од Фени.

Регионалниот центар за управување со кризи од Битола информира дека во овој регион вчера биле регистрирани три пожари. Зафатени биле површини со сува трева и дабова шума на половина хектар во село Ново Село. Територијалните противпожарни единици од Битола и Ресен, како и Шумското Стопанство „Бигла“ од Демир Хисар биле ангажирани во гаснењето на пожарите во битолскиот регион.

Дирекцијата за заштита и спасување, врз основа на прогнозата на времето на Управата за хидометеоролошки работи, секојдневно прави проценка на опасност од избивање на пожари и проценка на мобилност на противпожарните тимови на Дирекцијата. Припадниците на територијалните противпожарни единици и подрачните одделенија на Дирекцијата за заштита и спасување секојдневно ќе бидат на ниво на најголема мобилност.

Дирекцијата за заштита и спасување е подготвена во секое време и на секој дел од територијата на Република Македонија да интервенира со сите свои пер­со­нални и материјално-технички ресурси вклучувајќи ги и трите про­тив­по­жарни авиони.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), најавува дека денес времето ќе биде сончево со умерена локална облачност. Наместа ќе дува умерен ветер од западен и северозападен правец. Од недела следува период на променливо и нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи.

Координативното тело за  заштита на шумите од пожари и во оваа прилика упатува препорака до граѓаните да ја почитуваат делумната забрана за движење во шумите, да не користат запаливи материи на отворен простор, кои можат да предизвикаат пожар од пошироки размери. Се предупредуваат и патниците кои патуваат со автомобилски или железнички превоз, да не фрлаат догорчиња или неизгаснати цигари за да не се предизвикаат пожари долж патните линии. Сите лица кои во периодот на зголемени надворешни температури мораат да спроведуваат работни активности во пошумени или други локации, според препораките на Координативното тело за заштита на шумата од пожари, неопходно е да ги зголемат мерките на претпазливост за да не дојде до опожарување на околината.

Истовремено, Координативното тело ги потсетува граѓаните, доколку забележат одредени сомнителни места на кои е присутен оган или дим, веднаш да ги известат надлежните служби во најблиските институции и установи или да се јават на бесплатниот телефон за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи, на бројот 193, како и на отворената телефонска линија 02-155-22 на  јавното претпријатие ,,Македонски шуми,,.

Центарот за управување со кризи континуирано ја следи состојбата во државата со појавата на пожари на отворен простор и редовно доставува извештаи за настаните до надлежните институции и до оперативното Координативно тело за заштита на шумите од пожари.

Центарот има воспоставно 24 часовно дежурство и целосно може да одговори на потребите на сите инволвирани субјекти во Координативното тело за  координација на активностите околу навремено информирање и превенција и гаснење на шумските пожари.

 

 

 

Координативно тело за заштита на шумите од пожари