Опожарени 300 хектари со стрништа, сува трева и деградирана шума

Date of publication: 
21 July 2011

Околу 300 хектари стрништа, сува трева и деградирана шума се опожарени во педесеттината пожари  во државава кои биле евидентирани од страна на Центарот за управување со кризи и на чие гаснење интервенирале  територијалните противпожарни единици и стручните служби за гаснење на пожари на јавното претпријатие ,,Македонски шуми,,. Најголемиот број од пожарите (13) според Центарот за управување со кризи се случиле на територијата на Скопје. По својот интензитет и зафатената површина најголемиот пожар во скопско бил оној кој избувнал во текот на минатиот ден во близина на автопатот кај Катланово.

Во Кумановско се евидентирани 7 пожари, во Крива Паланка 5, а пожари беснеат и во Битола, Пробиштип, Кавадарци и Велес. Во струшко се запалени две локации, а по една во  Прилеп, Кочани, Радовиш, Кратово, Охрид, Кичево, Гостивар и Демир Хисар.

 

Во овој момент активни се пожарите во кумановскиот регион во селата Шупљи Камен, Довезенце и Бељаковце. Во гаснење на овие пожари од рано наутро учествуваат поголем број противпожарни екипи, по што се очекува во текот на денот тие целосно да бидат изгаснати.

Центарот за управување со кризи е во постојан контакт со сите членови на Координативното тело за заштита од шумски пожари со цел координирање на активностите за превенција и гаснење на пожарите. Оваа институција упатува препорака до граѓаните да ја почитуваат делумната забрана за движење во шумите, да не користат запаливи материи на отворен простор, кои можат да предизвикаат пожар од пошироки размери.

Се предупредуваат патниците кои патуваат со автомобилски или железнички превоз, да не фрлаат догорчиња или неизгаснати цигари, за да не се предизвикаат пожари долж сообраќајниците. Се предупредуваат и сите лица кои во периодот на зголемени надворешни температури мораат да спроведуваат работни активности во пошумени или други локации, да ги зголемат мерките на претпазливост за да не дојде до опожарување на околината.

Истовремено, Центарот за управување со кризи и Координативното тело за заштита на шумите од пожари ги потсетуваат граѓаните, доколку забележат одредени сомнителни места на кои е присутен оган или дим, веднаш да ги известат надлежните служби  со јавување на бесплатниот телефон за итни повици 195, 193 и на отворената телефонска линија 02-155-22 на  јавното претпријатие ,,Македонски шуми,,.

Центарот за управување со кризи со воспоставеното 24 часовно дежурство ја  следи состојбата со појавата на пожари на отворен простор и редовно доставува извештаи.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР),  денес 21 јули (четврток), ќе дува умерен до засилен северозападен ветер, кој ќе услови пад на температурата за неколку степени. Од недела следува период на променливо и нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи.

 

 

Координативно тело за заштита на шумите од пожари