Kонференција за мрежата на сметководствени податоци од земјоделски стопанства

Date of publication: 
22 June 2011
-ОК ФАДН 22.06 003.jpg

Во насока на креирање што поефикасна аграрна политика и согласно ЕУ барањата, Македонија интензивно работи на изготвувањето на мрежата на сметководствени податоци од земјоделските стопанства (ФАДН) истакна заменик-министерот за земјоделство Перица Иваноски на почетокот на Националната конференција за ФАДН.

ФАДН дава податоци за профитабилноста на стопанствата, а тоа овозможува креирање здрава, ефикасна аграрна политика согласно актуелните состојби во земјоделството.

Системот во земјава треба целосно да се воспостави до 2013 година. Со него ќе бидат опфатени вкупно 1.200 земјоделски стопанства. Активностите почнаа лани со анализа на 316 фарми, а продолжија годинава со двојно зголемување на бројот, до 600 стопанства.

- Крајната бројка од 1.200 земјоделски стопанства всушност ќе биде финалниот репрезентативен примерок за Република Македонија кој треба да даде конкретна слика за профитабилноста по типови и големини. Тоа е неопходно за дефинирање здрава аграрна политика која ќе ги следи големината на приходите од стопанствата и соодветно ќе реагира ако има евентуално зголемување или намалување, рече Иваноски.

При изготвувањето на мрежата се прибираат податоци само од комерцијални земјоделски стопанства кои остваруваат пазарен вишок врз претходно прецизирани прагови на економска големина. Највисоки се во земјите од северозападна Европа, а најниски во југоисточна Европа.

- Шест пати годишно се собираат податоци за економската состојба на фармите, за вкупните трошоци и приходи, за субвенциите и за движењето на цените. На крај се гледа колку биле профитабилни, односно колку приход оствариле, објасни заменик министерот.

Македонија прв пат има комплетни ФАДН податоци што одговараат на европските стандарди за 2010 година. Искористени се за интервенција во насока на што поголема профитабилност.

Целосното етаблирање на мрежата е обврска што Македонија треба да ја исполни како дел од евроинтегративниот процес.