Осми Комитет за следење на ИПАРД Програматa

Дата на објава: 
9 Јуни 2011
JPG


Владата сака да обезбеди максимални услови за да се пријават што повеќе апликанти и да се искористат што повеќе пари што ни се на располагање од Европската унија, нагласи заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Перица Иваноски кој претседаваше со денешниот осми комитет за следење на ИПАРД Програмата.

Комитетот меѓу другото  ги разгледа и предлозите за евентуално менување на критериумите во Програмата за да ја направи што поприфатлива и подостапна за потенцијалните корисници.

- Се предлага подигање на максималните критериуми за да аплицираат и поголемите стопанства, но и спуштање на минималните во насока на проширување на опфатот - одредени инвестиции што беа врзани само реконструкција на постоечки објекти да бидат пренасочени во изградба на нови или нивно дислоцирање, истакна Иваноски.

Тој очекува реализацијата на ИПАРД-средствата во следниот период да биде поголема зашто веќе е евидентно и надминувањето на ефектите од економската криза.

Добар сигнал е тоа што интересот за аплицирање се зголемува, оценуваат од Европската комисија за следење на ИПАРД-Програмата.

- Ова е се уште почеток за македонските земјоделци и фармери. Некои од нив се уште не се навикнати на условите и не знаат како точно да поднесуваат барања. Сепак, бројот на одбиени проекти секоја година се намалува, изјави Жерар Кили, претставник на ЕК за ИПАРД пред денешниот состанок на Комитетот за следење на Програмата.

Според Кили, проблем во однос на ИПАРД-реализацијата постои и во Македонија и на европско ниво, не само кај примарните производители, туку и во индустријата за производство и преработка на храна.

До крајот на годинава се планира објавување на уште два ИПАРД-огласа. Оваа динамика ќе продоложи и во следните години. Ќе се објавуваат, како што рече Иваноски, по најмалку два до три повици.

На првите два ИПАРД-огласи објавени лани со финансиска конструкиција од 64 милиони евра искористеноста беше околу 10 отсто. Со третиот повик објавен годинава ставени се на располагање 20 милиони евра.

Најголем интерес на првиот и вториот оглас имаше за модернизација на земјоделските стопанства, за преработка и маркетинг, а на третиот за диверзификација на руралните економски активности.