Ќе произведеме повеќе пченица од лани

Дата на објава: 
3 Јуни 2011
Den na pcenicata 026.jpg

Годинава се очекува повисок принос пченица за околу 10 отсто во споредба со лани, зошто освен што се насеани 4 до 5 илјади хектари повеќе, интензивно се применуваат современи агротехнички мерки, а земјоделците се повеќе употребуваат квалитетен семенски материјал. Владините мерки кои предвидуваат и зголемување на субвенциите, се насочени токму кон намалување на досегашната увозна зависност од лебно жито.

 

Ова го истакна министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на денешната манифестација „Ден на пченицата“ што ја организира „Агроунија“ - Скопје под покровителство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

- Во 2010 просечниот принос пченица беше 2,9 тони на хектар, а годинава со оглед на квалитетниот семенски материјал што беше искористен, очекуваме 3,2 тони. Ова секако е добро, но не е доволно. Македонија, за жал, е се уште увозно зависна за покривање на потребите од лебно жито, изјави министерот Димовски.

 

Според него, целта на Владата е да се обезбедат услови за зголемен принос со што значително би се намалила зависноста од увоз, но и поефикасно би се искористиле земјоделските површини.

 

Владата, потсети тој, веќе формира експертски тим за изготвување акциски план за производство на сертифициран семенски и посадочен материјал. По тој принцип ќе се распределуваат и субвенциите. Предвидени се 9.000 денари за единица површина житарици и дополнителни 3.000 денари за употреба на сертифицирано семе.

 

- Ќе ја насочиме поддршката за да овозможиме исклучиво користење домашен сертифициран семенски материјал. Тоа е многу битно зашто во целиот процес ќе се вклучат науката, земјоделците и стопанството. Освен за житните култури, ова се однесува и на градинарството, нагласи министерот.

 

Тој најави и воспоставување тесна соработка со сите компании кои произведуваат сертифицирано семе за да добијат лиценци што, пак, ќе овозможи подобра контрола.

 

Според проф. д-р  Илија Каров, декан на Земјоделскиот факултет во Штип, ако се продолжи со ова темпо на воведување и примена современи агротехнички мерки, Македонија нема да има потреба од увоз на семенски материјал и во блиска иднина ќе успееме да ги задоволиме потребите од пченица во државата. Негова констатација е и дека актуелниот недостиг од високи категории пченица и житни култури може да се надмине само доколку се употребува изворно семе кое е предуслов за добивање предосновен, а потоа и основен семенски материјал.

 

„Агроунија“ - Скопје, е компанија повеќе од 20 години се занимава со селекционерство. Во рамки на манифестацијата, сопственикот Огнен Оровчанец ги претстави трите нови сорти „македонска рана“, „македонска родна“ и „балканија“.