Министерството за земјоделство преку амбасадите го интензивира извозот на зеленчук

Дата на објава: 
2 Јуни 2011

Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство по појавата на епидемијата од смртоносната бактерија ешерихија коли во повеќе европски земји, преку македонските амбасади во Косово, Албанија Хрватска и Украина презема мерки за интензивирање на извозот на зеленчук и овошје од Република Македонија. Министерството за земјоделство директно контактираше и со министрите за земјоделство од Република Словенија, Полска, Чешка, Словачка и Молдавија за да се обезбеди континуиран и непречен извоз на земјоделски производи, особено на овошје и  зеленчук.

Водејќи се од европскиот принцип на следливост на производството ,,Од нива до трпеза,, Владата на Република Македонија и ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, со исклучителна посветеност и следење на светските и европските стандарди во производството гарантираат дека во производството на овошјето и зеленчукот и на другите земјоделски култури  во Македонија се применуваат највисоките стандарди за квалитет и за безбедност.

Покрај институционалната организираност, европски хармонизираната  легислатива за производство, но и сеуште чистите еколошки предели каде се произведува, се основа на традиционалниот начин на производство без голема употреба на хемикалии.

Земјоделско-прехранбениот сектор има големо значење за Република Македонија. Заедно со преработувачката индустрија, тој учествува со креирањето на БДП со повеќе од 16 проценти. Земјоделство ангажира околу 20 проценти од работоспособното население и претставува важен сектор кој ги обезбедува домашните потреби за храна и за извоз.