Македонија лани бележи историски најголем извоз на земјоделско-прехранбени производи

Date of publication: 
29 March 2011
Zamenik pres 29.03.2011 019.jpg

Во 2010 година, Република Македонија оствари историски највисок пласман на земјоделско-прехранбени производи на странските пазари во изминативе 20 години, со  реализиран извоз од 424 милиони евра. Како што истакна заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Перица Иваноски на прес конференцијата во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, според податоците на Државниот завод за статистика, ланскиот извоз е за 66 милиони евра повисок од износот на извезените земјоделски производи во 2009 година.

 

-Како резултат на тоа трговскиот дефицит со земјоделско-прехранбените производи е намален за 34 милиони евра, односно за 23,5 проценти во однос на 2009 година. Во 2010 година и вкупниот обем на трговска размена изнесува 955 милиони евра во кои доминитраат примарните земјоделски производи со 70 проценти, потоа следат преработките со 25 отсто и рибите и производите со риби со учество од 1 до 3 отсто, истакна заменик министерот Иваноски.

 

Рекордниот извоз, според него, се должи на зголемувањето на производството како резултат на ефективната политика на поддршка од Владата, но и од добрите цени кои се постигнати лани кај поголемиот дел земјоделски производи. Тој нагласи дека трендот на зголемување на извозот на земјоделски производи продолжува и годинава и како што рече, доколку не се случи нешто неочекувано се предвидува натамошен раст на извозот и зголемување на конкурентноста на производите.

 

- Очекувано најголем извоз во 2010 бележи тутунот со 72 милиони евра кои заедно со извозот на цигари изнесува вкупно 93 милиони евра или 22 отсто од вкупната вредност на извозот. Во однос на 2009 година се бележи зголемување на извозот за 17,8 отсто. Второто место го зазема зеленчукот со 65,7 милиони евра или 15,5 проценти, а најзастапени се доматите, пиперката и зелката. Во споредба со 2009 зеленчукот бележи зголемување на извозот за 28 проценти, рече Иваноски.

 

Третата поголема група на извозот ја зазема овошјето со 9,2 проценти или 39 милиони евра, односно двојно повеќе од 2009 година, а најзастапени се јаболката со 12 милиони евра, трпезното грозје со 9 милиони евра по што следи бостанот.

 

- Сличен процент и сличен износ од 38,5 милиони евра има и виното или 9 отсто од вкупниот износ што значи дека и покрај економската криза има и количинско и вредносно зголемување на извозот во однос на 2009 година, а особено  е позитивно зголемување на извозот на вино во шишиња за 14,5 проценти, истакна Иваноски и додаде дека трендот на раст на извозот на виното продолжува и годинава.

 

Раст од 4,3 отсто на извозот во однос на 2009 година се бележи и кај групата на преработен зеленчук и во вкупната вредност на извозот учествува со 24 милиони евра или 5,8 отсто од вкупниот извоз. Групата преработки од месо бележи драстичен пораст на извозот во однос на 2009 година за 47 отсто и со 10 милиони евра учествува со 2,5 проценти во вкупната вредност на извозот, додека кондиторските производи, маслото од сончеглед и квасецот забележале извоз од 57 милиони евра или околу 13 отсто од вкупниот извоз.

 

- Македонија во 2010 година најмногу 75 милиони евра дала за увоз на разладено и замрзнато говедско, свинско и месо од живина или 14 отсто од вкупниот увоз, потоа следи група од десетина производи  со вкупен увоз за 187 милиони евра во кои најмногу учествува шеќерот со 36 милиони евра, потоа маслото од сончоглед со 28 милиони евра и други. Најзначајни партнери на Македонија и на извозната и на увозната страна се земјите од ЦЕФТА - Србија, Косово, Хрватска и Босна и Херцеговина каде се извезуваат 52 отсто од македонските производи, а потоа следи ЕУ со 41 процент. Со истиот процент ЕУ учествува и во увозот, а 39,6 проценти се увезуваат од земјите на ЦЕФТА по што следи Бразил со 7,9 проценти од вкупниот увоз пред се во делот на месото, прецизира заменик министерот Иваноски