Почнува кампањата за имплементирање на системот за идентификација на земјишните парцели

Дата на објава: 
4 Март 2011
LPIS prezentacija 04.03.2011 015.jpg

Со одржување информативни и едукативни семинари, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од денеска ја почнува кампањата за имплементирање на системот за идентификација на земјишните парцели (СИЗП).

 

Евидентирањето на земјоделските парцели ќе биде еден од задолжителните критериуми за добивање субвенции, но претставува и предулов за пристапување на Македонија во Европската унија.

 

- СИЗП е систем со кој преку авионски снимки се идентификуваат земјишните парцели кои земјоделците тековно ги обработуваат. Со СИЗП секој земјоделец ќе ја знае точната локација и површината на неговото земјоделско земјиште, а тоа ќе го поедностави аплицирањето за финансиска поддршка и ќе овозможи барањата да се поднесуваат врз основа на ажурирани податоци истакна заменик министерот за земјоделство Перица Иваноски на денешната промоција на кампањата.

 

Локациите на парцелите ќе се утврдуваат на однапред договорени состаноци со земјоделците во подрачните канцеларии на МЗШВ или во други административни единици при што како потврда за поседување на земјиштето тие ќе треба да покажат лична карта, имотен лист или договор за закуп.

 

Употребата на прилагоден софтвер и обучените оператори од Министерството ќе им помогнат на земјоделците да го идентификуваат сопственото земјоделско земјиште.

 

- Операторот ќе ја дигитализира парцелата на земјоделецот со употреба на Географскиот информативен систем и со другите карактеристики, назив на локална парцела, користење на земјиштето, податоци за постојаните култури. Системот автоматски креира единствен идентификациски број за парцелата и ја пресметува површината на дигитализираните парцели. По состанокот, секој земјоделец добива испечатен извештај за сите негови парцели. Овие податоци ќе се користат при барањето субвенции, објасни Иваноски.

 

Кампањата почнува попладнево со семинари во скопските села Стајковци и Кучевиште и, според предвидената динамика, треба да се реализира на 33 локации во Македонија до 11-ти овој месец.