Министерството за земјоделство подготви измени на Законот за тутун и Правилникот за откуп

Дата на објава: 
4 Февруари 2011
Pres Minister tutun 04.02.2011 004.jpg

Министерството за земјоделство, шумарство и  водостопанство прави радикални измени во законската регулатива за тутунот. Во текот на идната недела се очекува измените на Законот за тутун и на Правилникот за откуп да влезат во владина процедура, со што ќе се дорегулира производството, откупот, но и увозот и извозот на тутун и тутунски преработки и ќе се зајакне контролата.

 

Новиот правилник предвидува место досегашните 11 класи (6 основни и 5 дополнителни), тутунот од реколтата 2011 година да се договори и откупува во 6 класи (4 основни и 2 дополнителни класи).  Со  измените ќе се прифатат најголемиот дел од барањата на тутунарите за квалитативна промена на проценката на тутунот.

 

Намалени се откупните класи, а тоа значи дека со новите мерила во прва класа  ќе учествува тутунот со големина  до 12 сантиметри, место до 10 како што се цени тутунот со постоечкиот правилник. Се зголемува и бројот на инсерциите односно сега во прва класа ќе влезат и малите горни средни  листови (коваламата) што е едно од барањата на тутунарите, а што значи поддигање на една класа погоре. Со ваквите измени, тутунот кој се ценеше во втора класа сега ќе премине во прва.

 

Во втора класа остануваат сите берби, а новина е тоа што  во оваа класа ќе се цени и тутунот со мали оштетувања  до 10 проценти, односно оние количини кои досега се ценеа во класа подолу.

 

Во  трета класа  се зголемува димензијата на тутунот. Новина е тоа што во неа влегува и натподбирокот со големина до 16 сантиметри, што досега влегуваше во 4 класа. Со новиот правилник во 3 класа сега влегуваат и долните средни листови  до 20 сантиметри.

За тутунот од втора категорија, односно за тутунот со листиови поголеми од 20 сантиметри  се предвидени само две наместо досегашните  5 класи. Се подготвуваат и новини во делот на законската регулатива, пред се во делот на зајакнување на контролите  во примарното производство, како и во откупот, но, како новина и во делот на извозот и увозот на тутун и тутунски преработки.

 

Со предвидените измени  само еден член од едно семејство ќе може да го договара производството, што не беше случај досега. На ваков начин ќе се стави крај на праксата едно исто производство да се договара со повеќе откупувачи, односно да се стави  крај на склучувањето на двојни и тројни договори.

 

Новините предвидуваат и зајакнување на  ингеренциите на Државниот инспекторат за земјоделство и тоа делот на проценката на тутунот. Со измените на законот за тутун, инспекторатот ќе се вклучи во  контролата на увозот и извозот на тутун и тутунски преработки, што небеше случај и досега.

 

Според последниот податок од државниот инспекторат за земјоделство до 02.02.2011 година откупени се 12 илјади тони тутун. Просечната откупена цена изнесува 144.3 денари за килограм тутун. Најмногу тутун е откупено во најголемиот производствен регион - Прилепскиот. Откупните компании таму откупиле вкупно 3.481 тон тутун регионално во Прилепско и просечната откупна цена е највисока и изнесува 151 денар за килограм тутун.

Во Радовишко се откупени 1.657 тони тутн со просечна цена од 131 денар за килограм тутун, нешто помалку во Струмичко, каде од тутнопроизводителите до 02.02.2011 година се откупени вкупно 1.612 тони тутун со просечна цена иста како и во радовишкиот регион. Во Битолско, се откупени 974,4 тони тутун со просечна цена од 130 денари за килограм тутун.

 

Во досега реализираниот откуп Министерството за зем,јоделство и Државниот земјоделски инспекторат активно беа вклучени во следењето на откупната кампања и во надминување на проблемите кои што се појавија во почетокот на откупот на тутунот. Инспекторите се постојано на терен и стојат на располагање на сите тутунари кои имаат забелешки во поглед на проценката на тутунот.

 

Со оваа динамика на предавање на тутунот, според оценката на Државниот инспекторат за земјоделство, до 15 март, се очекува тутунот целосно да биде откупен.