Министерот Димовски учествуваше на презентација на македонските вина во Шведска

Дата на објава: 
27 Јануари 2011

Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, во рамки на кампањата за промоција на македонски вина во Шведска, денеска во Стокхолм, оствари работна средба со министерот за рурални работи на Шведска  Ескил Ерландсон и со првите луѓе на Шведската развојна Агенција- СИДА.

 

На шведскиот министер Ерландсон, министерот Димовски му го презентира проектот на Владата на Република Македонија за изградба на откупно дистрибутивни центри за овошје и зеленчук како можност за инвестирање на шведските бизнисмени во Македонија. Тој го информира неговиот шведски колега за состојбите во македонското земјоделство и го покани да учествува на министерскиот состанок кој во ноември годинава ќе се одржи во Скопје.

 

Кампањата за презентација на македонските вина во Шведска, е организирана од страна на македонската амбасада во Шведска, Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, Аг Биз програмата и стопанските комори.

 

На презентацијата на македоснките вина учествуваа голем број увозници на вино, трговци и граѓани, како и претставници од шведските медиуми.

 

- Македонија е земја со вековна традиција во одгледување на винова лоза. Лидери сме во регионот по производство на вино и негови нето-извозници. Производството на грозје и вино учествува со 17 до 20 проценти во земјоделскиот бруто домашен производ. Виното за Република Македонија е најизвезуван пијалок и втора земјоделска гранка по тутунот од која се остварува најголем девизен приход – истакна министерот Димовски во обраќањето.

 

Извозот на вино, додаде тој, е клучен елемент во одржување на развојниот баланс на македонскиот вински сектор, особено ако се земе во предвид фактот дека околу 80 проценти од производството на вино се извезува. Најголеми извозни пазари за нашето вино, потенцира тој се Европската унија и Балканот.

 

- Винскиот сектор во Република Македонија во последниве години бележи значителен развој. Бројот на винарските визби постојано се зголемува, а винарниците, следејќи ги модерните текови на најдобрите вински земји, секојдневно инвестираат во унапредување на технологијата и подобрување на условите за целосна контрола во производството на врвни вина. Многу од Македонските вина се закитени со златни медали на најреномираните меѓународни оценувања. Ова за нас е јасен показател дека винарството повеќе од сигурно станува начин на живот и силен двигател на бизнис секторот – потенцира тој.

 

Токму поради ова, заклучи министерот Димовски, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја препознава важноста на лозарството и винарството и инвестира во овие гранки, поттикнувајќи одржлив развој на македонскиот вински сектор.