Профункционира договорното производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој

Date of publication: 
17 December 2010

Законот за земјоделство и рурален развој кој годинава стапи на сила е сигурна основа за регулирање на пазарот и функционирање на договорното производство во правни рамки. Новото законско решение, со дефинираните одредби е моделот кој треба да стави крај на дивиот откуп, нелојалната конкуренција и сивата економија во земјоделскиот сектор од која последиците се чувствуваат во примарното земјоделско производство и во преработувачкиот сектор.  Како што беше истакнато на работилницата ,,Проценка на влијанието на новата законска регулатива врз откупот на земјоделски производи и договорното производство кај учесниците во вредностните синџири поддржани од АгБиз,, која денеска се одржа во Министерството за земјоделство, годинава, зголемен е бројот на склучени договори за откуп на земјоделски производи во споредба со лани, бидејќи согласно Законот за земјоделство и рурален развој, тоа од оваа година е и законска обврска, за производителите и за откупувачите.

 

-Процесот на  регистрација на откупувачи е во тек. Очекуваме дека во 2011 година, новата откупна сезона на земјоделски производи ќе почне со целосно исполнување на законската обврска за регистрирање на откупувачите. Со донесувањето на Законот за земјоделство и рурален развој, поставена е рамката за  таканаречено вертикално интегрирање на вредносните синџири, а со донесените подзаконски акти поблиску се уредија областите дефинирани во Законот. Министерството за земјоделство, преку Државниот инспекторат за земјоделство, идната години ќе ги засили контролите во поглед на спроведувањето на новата законска регулатива за земјоделство и рурален развој - најави заменик-министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Перица Иваноски.

 

Во тек на формирање, појасни тој се и подсекторските работни групи согласно Законот за земјоделство и рурален развој, со што ќе се интензивира соработката на сите вклучени субјекти во процесот на производство, преработка и трговија со земјоделски производи. Профункционирањето на подсекторксите работни групи ќе биде основа не само за креирање на синхронизирана политика за развој на аграрот, туку во прв ред за планирање на производството за задоволување на домашните потреби од земјоделски производи, за извоз, но и заради обезбедување на доволна количина на суровина за преработувачката индустрија. Ова ќе биде основата и за воспоставување на фер договорни основи во примарното производство, преработката и трговијата со земјоделски производи.

 

Примарните производители и преработувачите истакнаа дека Законот мора да обезбеди рамноправна заштита на земјоделците и на преработувачите и да изгради механизам за заштита на пазарот од нелојалната конкуренција и сивата економија која има исклучително негативно влијание и во земјоделството.

Додаток за превземање: