Date of publication:
23 November 2010Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска учествуваше на отворањето на четвртиот Годишен работен состанок на министрите за земјоделство на земјите од Југоисточна Европа кој ќе се одржи денес и утре во Загреб, Република Хрватска. Состанокот го отвори хрватскиот министер за земјоделство, рибарство и рурален развој на Република Хрватска и хрватсакиот премиер Јадранка Косор.
Во своето обраќање министерот Димовски истакна дека земјите од југо-источна Европа поминуваат низ еден од најкомплексните процеси на ова време, интеграцијата во Европската унија.
-Верувам дека нашиот големиот притисок и фокусирањето кон земјоделството и руралниот развој во земјите од Југо-источна Европа ќе ги истакне нашите економии и ќе ја обезбеди толку потребната стимулација за да се покрене бранот на интеграции во Унијата. Развојот на земјоделските и руралните подрачја и подобрувањето на квалитетот на животот на луѓето во руралните средини се од примарно значење во планирањето на економиите и процесот на развој на нашите земји, каде што поголемиот број население живее во руралните подрачја – истакна министерот Димовски.
Република Македонија верува во соработка со цел да се подобри земјоделството и руралниот развој. Во изминатиов период Република Македонија покажа значителен напредок на полето на земјоделството и руралниот развој. Политиката во овој сектор е усогласена со барањата на Европската Унија. Министерот Димовски додеде дека имплементацијата на ИПАРД програмата започна во декември 2009, откако Комисијата ни го додели правото да управуваме со мерките „Инвестиции во земјоделските стопанства“, “Инвестиции во преработувачките капацитети“ и „Диверсификација на руралните економски активности“.
-Постигнат е напредок на полето на политиката за квалитет. Македонија ја усвои новата законска рамка која ги регулира пазарните стандарди, потребата за презентација на производите и информирање на купувачите и поставување програми за квалитет. Напредок има и во органското земјоделство. Донесен е законот за органско производство, а бројот на регистрирани органски производители и вкупното органско производство продолжува да расте. Во 2010, од буџетот се одвоени 1.6 милиони евра за поддршка на органското производство, вклучувајќи ја и одредбата за национална кампања за подигање на јавната свест за органската храна – додеде министерот Димовски.
Во 2006-та година и Македонија го потпиша Договорот за слободна трговија помеѓу земјите на централна Европа – ЦЕФТА со што се овозможи 99 процентна либерализација во трговската размена на стоки во регионот. Според министерот Димовски, зачленувањето во ЦЕФТА ја интензивира трговската размена на стоки помеѓу земјите – членки, а имаше позитивен ефект во трговијата на Република Македонија со регионот.
-По помалку од една година од имплементацијата на договорот ЦЕФТА -2006, трговската размена на стоки во рамките на регионот се зголеми од 8% на скоро 15% од вкупната трговија на стоки. Минатата година, трговската размена со членките на ЦЕФТА – 2006 создаде скоро 20% од вкупната трговска размена на стоки на Македонија. Зголемувањето на трговската размена со членките на ЦЕФТА 2006 го смени правецот на трговската размена со ЕУ, бидејќи 65% од вкупниот извоз од Македонија во 2007 година и 49,5% од вкупниот извоз од Македонија беше реализиран со земјите на ЕУ – потенцира министерот Димовски.
Сепак, како што истакна министерот, искористувањето на можностите кои ги дава договорот е далеку под вистинскиот потенцијал на регионот. ,,Треба да ги вложиме сите наши напори во надминувањето на разновидните политички и други пречки и да направиме сé овој договор да живее и да ги донесе сите можности кои може да ги понуди,,- додаде тој.
Регионалната соработка помеѓу земјите од Југо-источна Европа е еден од приоритетите. За министерот Димовски таквата соработка е клучен фактор за воспоставување политичка стабилност, безбедност и економско богатство. Меѓутоа, регионалната соработка е исто така едно од главните барања во договорите за стабилизација и асоцијација.
-Знаеме дека имаме одговорност едни кон други и дека имаме многу зеднички предизвици, а едни од нив се оние со преку-гранична природа. Затоа, создадовме алатка, регионална иницијатива, Постојаната работна група за регионалната соработка. Преку работата на СЊГ, можеме да се фокусираме поинтензивно на прашањата од земјоделството и руралниот развој, да ги идентификуваме заедничките потреби и интереси и да дејствуваме според нашите потреби за градење на капацитетите – заклучи министерот Димовски.