Министерот Димовски го отвори ,,АГРОФУД 2010,,

Date of publication: 
9 November 2010
Otvaramje na Agro ekspo 010.jpg

Владината стратегија за развој на аграрот до 2013 година се остварува. Поддржувањето на конкурентните земјоделски производи и субвенционирањето на културите кои имаат потенцијал за поголемо производство, веќе ги даваат ефектите, повисока продукција, подобар квалитет, зголемен извоз, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски во денешното обраќање по повод официјалното отворање на јубилејниот 60-ти Меѓународен саем за широка потрошувачка „Агрофуд 2010“.

 

Според него, светските текови во агросекторот изминативе години беа доволно јасен сигнал дека Македонија мора да го модернизира производството и да ги зголеми приносите.

 

- Правилното насочување на владината политика за развој на земјоделското производство преку драстично зголемување на субвенциите во изминатите четри години, даваат позитивни резултати во развојот на целокупниот аграр и во делот на зголемување на производството и на просечните приноси од единица површина и од грло со што се намалува увозната зависност, напомена Димовски.

 

Покрај постојните мерки за зголемување на поддршката, Владата вклучува и нови, согласно ЕУ практиките. За целосно функционирање на системот по европските стандарди, интензивно се работи и на зајакнување на институционални капацитети.

 

- Зголемената буџетска финансиска поддршка и достапноста на претпристапните ЕУ фондови за периодот 2007-2011 година се доволна основа да веруваме дека и во наредната година ќе продолжи трендот на раст и развој на македонскиот аграр, истакна министерот.

 

Осврнувајќи се на јубилејот 60 години „Агрофуд“, Димовски потенцира дека овој значаен период ја потврдува исклучително важната улога на земјоделско - прехранбениот сектор во развојот на економијата, издржувајќи ги  предизвиците на минатото и на новото време.

 

На отворањето присуствуваа високи владини претставници од Словенија, Србија, БиХ, Турција, Бугарија и Албанија. Тие претходно со министерот Димовски го посетија Бонсаи центарот во Градскиот парк.

 

Министерот Димовски одржа и билатерална средба со словенечкиот колега Дејан Жидан.

„Агрофуд 2010“ во следните четири дена ќе им овозможи на посетителите да видат и дегустираат широка палета производи од областа на земјоделството и прехранбената индустрија.

 

Преку 100 изложувачи од  Македонија, Бугарија, Србија, Грција, Словенија, БиХ, Албанија, Германија, Израел, Италија, Турција, Кина, Белорусија, Полска, Шведска, Австрија, како и компании од САД и Индија, ги претставуваат своите производи во три саемски хали, на вкупно 7.000 метри квадратни површина.

 

Стручни предавања, бизнис форуми, дебати, работилници и билатерални бизнис средби се само дел од програмата на годинашниот „Агрофуд“.

По официјалното отворање, манифестацијата продолжува со министерска конференција „Имплементација на ЦЕФТА - слободно движење и пречки во трговијата со земјоделски производи“ чиј домаќин е министерот за земјоделство Димовски.