Министерот Димовски одржа работен состанок со производителите и преработувачите на овошје и зеленчук

Дата на објава: 
5 Ноември 2010
DSC01439.JPG

Подобрување на комуникацијата и координацијата меѓу земјоделските производители и преработувачи за да се заштити секторот од нелојалната конкуренција која прави сериозни проблеми во откупот на овошјето и зеленчукот за преработка. Ова е пораката која вчера министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски им ја пренесе на земјоделските производители и на преработувачите, членки на Македонската асоцијација на преработувачи, на заедничкиот состанок кој се одржа во Струмица.

 

-Радува фактот дека годинава можеме да се пофалиме со позитивни резултати и во делот на градинарското производство. Финансиската поддршка и соработката на примарните производители, трговците и преработувачите, оваа година резултира со зголемено производство, на некои за државава стратешки земјоделски култури за двасеттина проценти и раст на извозот за дури 40 насто – рече министерот Димовски.

 

Според преработувачите, индустриското градинарско производство приоритетно треба да се прилагоди кон потребите на преработувачките капацитети и на пазарот. Затоа, тие остануваат на ставот дека производството мора плански да се организира. На ваков начин според нив ќе се реши проблемот со недосиг на суровина за преработка и со нереално високи откупни цени кои ги диктира пазарот најчесто во ек на откупот на суровина.

 

- Мора да се зајакнат механизмите за заштита на домашото производство и да дозволи слободен увоз само тогаш кога ќе има оправдана потерба за тоа поради недостиг на суровина- рече Дарко Нашков, претседател на Македонската асоцијација на преработувачи.

 

Преработувачите предложија за идната година да се дефинираат земјоделските култури наменети за преработка и да се изедначат царинските давачки што ги плаќаат странските и домашните преработувачи при извозот и увозот на суровини за конзервната индустрија.

 

Земјоделците апелираа за навремено договарање на производството за преработка и исплата на откупените количини овошје и зеленчук од страна на конзервните фабрики.