Промовирани два проекта од инструментот ИПА за надградба и конкурентност на земјоделскиот сектор

Date of publication: 
12 October 2010
2010-10-12_11-34-19_603_Skopje.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и евроамбасадорот Ерван Фуере го промовираа официјалниот почеток на двата проекта од инструментот за претпристапна помош - ИПА 2008, чија цел е институционална надградба на секторот според ЕУ-стандардите и јакнење на неговата конкурентност.

 

Станува збор за проектите „Усвојување и спроведување на европското законодавство во насока на заедничката земјоделска политика, посебно во делот на уредувањето на заедничките пазари за земјоделски производи“ и „Дизајнирање на функционален интегриран систем за администрирање, контрола и потребниот институционален капацитет“.

 

Нивни главни корисници ќе бидат институциите од сектoрот земјоделство, но и земјоделците кои со прилагодувањето на аграрот кон европските стандарди и исполнувањето на здравствените и еколошки критериуми го подобруваат квалитетот на производите, стануваат поконкурентни на пазарот со што ќе го зголемат и  квалитетот на животот воопшто.

 

- Првиот прокет ќе обезбеди техничка поддршка за Министерството и за Платежната агенција, за јакнење на капацитетите на национално и локално ниво, како и за усогласување со пазарно-ориентираните реформи на ЕУ во делот на заедничкото уредување на пазарите, а вториот, техничка помош за воспоставување на Системот за идентификација на земјишните парцели (ЛПИС) и проверка на апликациите за финансиска поддршка, рече министерот Димовски.

 

Според него, последниве неколку години Министерството за земјоделство почна со серија активности кои обезбедуваат услови за воспоставување земјоделски пазарен информативен систем како алатка за транспарентнен преглед на движењето на пазарите за земјоделски производи и храна, како и поддршка во одлучувањето и во формулирањето на земјоделските политики. Системот за идентификација на земјишните парцели е базиран на компјутеризиран географски систем на информации и овозможува графички преглед на земјишните парцели. На ваков начин се ограничуива можноста за неправилно внесување на податоците при аплицирањето за субвенции.

 

- Интеграцијата меѓу различните бази на податоци и регистри ќе овозможи поедноставен и посигурен процес на аплицирање на земјоделците за финансиската поддршка и ќе биде основа за  собирање  корисни податоци за креирање на државните политики во земјоделството и во бизнис секторот, нагласи министерот  Димовски.

 

За да има пристап до ЕУ фондовите, Министерството за земјоделство мора да воспостави институционална рамка соодветна на ЕУ барањата и треба да има капацитет за да управува со финансиска поддршка по влезот во Унијата. На ова поле, како што потенцира евроамбасадорот Фуере, Македонија изминатиов период стори многу, но и покрај тоа, активностите мора интензивно да продолжат.

 

- Македонија има огромен потенцијал во земјоделството и одлични можности за зголемување на неговата конкурентост, рече Фуере.

 

Согласно финансиската проекција на ИПАРД 2007 2010, за поддршка на македонското земјоделство се предвидени преку 31 милион евра.