Откупувачите на ориз мора да склучат договори со производителите

Date of publication: 
6 October 2010
Kocani Minister 004.jpg

Согласно новиот Закон за земјоделство и рурален развој, за да вршат откуп на ориз, компаниите треба да се пријават во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и да склучат договори со индивидуалните производители. Ова го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски  на членовите на Националниот совет за оризопроизводство, со кој оствари средба во Облешево, Кочанско.

 

- Реално е во годинашниот откуп  да се почитуваат берзанските цени.Трговците и откупувачите треба да понудат цена која нема да ги оштети земјоделците,  порача министерот Димовски.

 

Од насеаните 3.725 хектари со ориз во Македонија, годинава се очекува принос од околу  25 илјади тони арпа, односно околу 13 илјади тони бел ориз. Најголемиот дел од проиведеното, како и во минатите години се очекува да се извезе на странските пазари.

 

- Ќе се  погрижиме  да ги отвориме и пазарите на Европската унија покрај оние на поранешните југословенски републики каде кочанскиот ориз досега се продаваше и е препознатлив како бренд. Тоа сакаме да го прошириме и на европскиот пазар, истакна министерот Димовски.

 

Производителите на ориз го поддржаа предлогот на министерот Димовски даден во насока на заштита на пазарот, а кој се однесува на  донесување на одлука за условување на увозот на ориз со откуп на домашно производство.

 

- За да се увезе еден килограм, ќе треба да се  окупат четири килограми домашен ориз од овогодишната реколта. Оваа мерка  е слична како онаа со пченицата која роди плод и даде резултати. Очекуваме истото да се постигне и во овој случај, нагласи министерот Димовски.

 

Претставниците на Националниот совет за оризопроизводство  до министеропт Димовски упатија барање за зголемување на субвенциите за производство на оваа култура за наредната година. „ Нереално е оризот да биде поистоветен со пченицата и јачменот бидејќи  трошоците во производство се поголеми, затоа, во рамки на нашите можности, ќе направиме напор за корекција на субвенциите за ориз во 2011 година, рече миниатерот Димовски.