Презентирање на македонските потенцијали во Н.Р.Кина

DSC02340.jpg

Македонска делегација, предводена од Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, м-р Перица Иваноски, учествува на традиционалниот меѓународен саем за земјоделство и трговија, кој вчера беше отворен во Хефеи, Провинција Анхуи, Народна Република Кина, а во чии рамки се одржува и 5-от Форум за соработка во земјоделството помеѓу Народна Република Кина и земјите на Централна и Источна Европа.

 

Во рамките на посетата на овој саем, Заменик министерот Иваноски оствари средби со Заменик гувернерот, г-дин Танг Ченгпеј и официјални претставници на Владата на Провинцијата Анхуи. На средбата беше разговарано за можноста за продлабочување на соработката во земјоделството помеѓу Република Македонија и Провинцијата Анхуи, која со вкупно обработливо земјоделско земјиште од 4,1 милиони хектари е една од најзначајните земјоделски провинции во Н.Р. Кина, како и за пласман на земјоделски производи од Република Македонија во Провинцијата Анхуи која е со вкупно население од 66 милиони жители.

 

На форумот, на кој покрај претставници на Владата и агро-бизнис секторот на Н.Р. Кина учествуваат и претставници од 10 земји од  Централна и Источна Европа, Заменик министерот Иваноски го презентираше извозниот потенцијал на македонското земјоделство, како и можностите за инвестиции во земјоделско-прехранбениот сектор во Република Македонија.

Покрај ова, на форумот посебно беше презентиран и македонскиот вински сектор и неговиот потенцијал и можност за пласман на кинескиот пазар, а за чиј квалитет, посетителите на овој реномиран меѓународен саем можеа да се уверат на штандот на винарската визба Далвина.

 

Во рамките на посетата, Заменик министерот Иваноски оствари билатерална средба со претставници на Министерството за земјоделство на Н.Р. Кина. На средбата се водеа разговори за размена на искуства во областа, зголемување на трговската размена во земјоделско-прехранбениот сектор, како и за можностите за директни инвестиции од Н.Р. Кина во Република Македонија во областа.