Изменета одлуката за увоз на пченица

Date of publication: 
25 August 2010

Владата  укина дел од одлуката согласно која преработувачите беа обврзани да купат три килограми домашна пченица за да увезат еден килограм, соопшти на денешната прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

 

Оваа мерка е донесена со цел стабилизирање на пазарните односи, а во консултација со сите засегнати страни.

 

Министерот Димовски информира дека останува на сила делот од одлуката што ги обврзува откупувачите да купат четири килограми домашна пченица за да увезат еден килограм брашно.

 

- Оваа мерка ќе важи до средината на идниот месец кога повторно ќе се евалуираат состојбите и ќе се одлучи дали ќе има нејзино какво било ревидирање, рече Димовски на прес-конференција.

 

Ефектите од владините интервенции, додаде, ќе бидат изразени преку регулирање на понудата и побарувачката што ќе овозможи избегнување на одредени нарушувања на пазарот. Од друга страна, се заштитува домашното производство.

 

До овој момент се откупени над 50.000 тони пченица. Просечната цена изминатите 15 дена изнесуваше 9,8 денари, а сега е 10,5. Во почетокот на септември се очекува откупот да биде со поголема динамика.Пазарот со пченица е стабилен. Владата постојано ја следи ситуацијата и доколку утврди дека има потреба, ќе реализира интервентен увоз.