Министерот Димовски ги презентира новите мерки на Владата за заштита на домашниот пазар со пченица и брашно

Дата на објава: 
16 Јули 2010
Pres pcenica 040.jpg

,,По неколкуте состаноци и консултации со претставници на мелничко-пекарската индустрија и земјоделците, Министерството за земјоделство и предложи, а Владата ги прифати конкретните мерки за стабилизирање на домашниот пазар со пченица.Со овие мерки ќе се создадат на услови за навремен почеток и квалитетeн откуп на пченицата од новата реколта,,. Ова го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на денешната прес конференција посветена на последните мерки на Владата за заштита на домашниот пазар со пченица и брашно.

 

- Владата донесе одлука за врзување на увозот на пченица и брашно со откупени количества домашна пченица и ја утврди интервентната цена за пченицата од новата реколта која ќе ја откупи државава за потребите на Агенцијата за стокови резерви. Согласно одлуката, односот на количествата увезена и откупена пченица е 1:3. Ова значи дека увозниците треба да откупат 3 килограми домашна пченица за да увезат еден килогарм без царина. За брашното пак, соодносот е еден спрема 4, односно за увоз на 1 килограм брашно, потребно е да се откупат 4 килограми домашна пченица – рече министерот Димовски.

 

За да се намалат количествата на пченица на пазарот во периодот на најголема понуда и за да се осигура пласманот на домашното жито, Владата, додаде министерот, донесе одлука до почетокот на септември, Агенцијата за стокови резерви за потребите на државата да изврши интервентен откуп на пченица по цена од 9 денари за килограм. Количествата кои ќе ги откупи Агенцијата ќе бидат дефинирани на една од наредните владини седници.

 

- И оваа година земјоделците имаат можност да ја складираат пченицата  во државните силоси во Прилеп по цена од 40 денари за еден тон месечно. Во силосите моментално има слободно место за скалдирање на 13 илјади тони жито – истакна министерот Димовски.

Од страна на Државниот инспекторат за земјоделство, продолжуваат засилените контроли на граничните премини, но и на домашниот пазар со пченица и брашно. Целта на контролите е да се спречи увозот на неквалитетна пченица и брашно со што земјоделците и мелничарите ќе се заштитат од нелојалната конкуренција, а граѓаните од неквалитет.

 

- Според податоците од подрачните единици на Министерството за земјоделство, објасни министерот, годинава се засејани повеќе од 96 илјади хектари со пченица од кои се очекува род од околу 290 илјади тони. ,,Имајќи ги во предвид годишните потреби од пченица во Република Македонија, вкупната понуда на пченица која ги вклучува: превидувањата за очекуваното производство на пченица во 2010 година, досегашниот увоз на пченица и брашно, се доволен сигнал дека се задоволени годишните потреби на Република Македонија за пченица за оваа година – потенцира тој.

 

Заклучно со јуни, увозот на пченица годинава, е за 42 проценти помал од ланскиот. Поради засилените контроли на граничните премини, во првите 6 месеци од годинава, намален е и увозот на брашно за повеќе од 25 проценти во споредба со истиот период лани.