Министерот Димовски се состана со производителите и преработувачите на пченица

Дата на објава: 
28 Јуни 2010

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, денеска одржа состанок со производителите на пченица, членки на земјоделските здруженија и мелничко-пекарските компании, членки на Стопанската комора на Македонија и на Сојузот на стопански комори.

 

Засилени контроли на граничните премини, но и на внатрешниот пазар од страна на Државниот инспекторат за земјоделство за да се спречи  увоз на неквалитетно брашно и пченица, како и примена на законските правила во производството и во откупот на лебното жито, најави министерот Димовски на состанокот со земјоделците и мелничарите.

 

-Проблеми во откупот на пченицата не би требало да има, а откупната цена треба да ја договорат производителите и мелничарите. И оваа година за потребите на државата, Бирото за стокови резерви ќе се вклучи во откупот, но, засега, не се знае колкави ќе бидат тие количини- рече министерот Димовски.

 

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Ванчо Димитриев, објасни дека наскоро ќе се донесат правилниците за откуп на пченица, за брашно, како и за регистрација на откупувачи, согласно Законот за земјоделство и рурален развој, со кој инспекторатот има ингеренции да врши контрола и во примарното производство и кај мелничко-пекарските компании.

 

Претставниците на мелничарите потенцираа дека најголема проблем на пазарот прави брашното кое по дампинг цени се увезува од соседните земји и побараа засилени контроли од земјоделскиот инспекторат при увозот, лабораториска контрола на квалитетот на увозното брашно, но и засилена контрола на домашниот пазар, пред се на компаниите кои вршат увоз и продажба на брачно. Земјоделците инсистираат Бирото за стокови резерви, во годинешниот откуп на пченица, да се вклучи во сите региони од државава. Заедно со мелничарите побараа до крајот на оваа или во почетокот на идната недела да се одржи заеднички состанок со министерот  за земјоделство Димовски и министерот за економија Фатмир Бесими.

 

Министерството за земјоделство, беше заклучено на состанокот ќе ги преземе сите потребни мерки за да создадеа услови за навремен почеток и квалитетен откупот на пченицата.