Тутунарите задоволни од субвенциите и од постигнатата откупна цена

Дата на објава: 
18 Мај 2010
sredba tutunari mzsv.jpg

Претставници на тутунопроизводителите од Прилепско денеска се сретнаа со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски за да изразат задоволство од годинашната сума субвенции и од исплатата.

- Првпат можеме да кажеме дека сме задоволни од откупните цени и од поволната проценка на квалитетот. Мора да бидеме реални и да признаеме дека субвенциите што годинава земјоделците ги издејствуваа од државата се на задоволително ниво. Постигнавме околу 200 денари за килограм предадено количество за кое добиваме плус 60 денари поддршка. Тоа ќе ни овозможи да ги покриеме производните трошоци, изјави Данчо Мировски од Здружението на тутунари - Прилеп по средбата.

Во 2005 година, рече Мировски, откупната цена на тутунот беше минимални 70 до 100 денари, а стимулации немаше. Годинава на производителите ќе им бидат исплатени вкупно 23 милиони евра.

- Со финансиската поддршка, просечната откупна цена ќе се зголеми на 225 денари или повеќе од четири евра за килограм. Затоа наредната сезона очекуваме зголемување на површините под тутун за 20 до 25 отсто, истакна Мировски.

Исплатата на субвенциите почна вчера за родот предаден во Центро Табак - Велес, Тутунски комбинат - Прилеп, Центро Табак - Велес, Алијанса - Кавадарци, а продолжи денеска за откупениот од Далија Такбак - Делчево, Сокомак - Битола и Струмица Табак - Струмица.

Тутунарите очекуваат парите да ги добијат за неколку дена. Досега, некои од нив веќе ги подигнале. Вкупно 26.000 ќе добијат 1,39 милијарди денари.

Производството на тутун минатата година достигна 19.500 тони што е речиси 20 отсто повеќе од евидентираното во периодот 2007/2008. Откупот почна во ноември лани, еден месец порано од вообичаениот рок, и се одвиваше без проблеми. Се реализираа склучените 37.784 договори. Цените за прва, втора и трета „а“ класа беа зголемени за три до осум отсто во однос на претходната реколта.

Во Македонија околу 70 отсто од површините засадени со индустриски култури отпаѓаат на тутунот. Од вкупниот извоз во земјоделството, тутунот учествува со 43 проценти. Експертите порачуваат државата и натаму да ја стимулира оваа стопанска гранка.