Министерот Димовски ја отвори работилницата за климатски промени

Date of publication: 
12 May 2010
Proekt svetska banka 009.jpg

Долгорочното влијание на климатските промени и предвидените негативни ефекти врз земјоделството, шумарството, водните ресурси, безбедноста на храната и биолошката разновидност,  како и можните сценарија за најсоодветен пристап во намалувањето на чувствителноста и прилагодување кон климатските промени, ќе се вброи меѓу најважните приоритети на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство-истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на денешната работилницата за подигање на свеста за намалување на штетното влијание од климатските промени врз земјоделството во Македонија.Работилницата која ја  организираше Светска Банка претставува почетокот на иницијативата на Светска Банка за подготвувањето на Регионалната програма за намалување на последиците од климатските промени во земјоделскиот сектор.

 

Климатските промени се комплексно, глобално прашање чие влијание се очекува да предизвика хронични проблеми во земјоделскиот сектор, кој што се издвојува како еден од најважните сектори во стопанството, особено поради неговото значење за социјалната сигурност и намалувањето на сиромаштијата. Имајќи го предвид овој факт, министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе преземе иницијатива за спроведување на политиките на ублажувањето на негативните влијанија од климатските промени.

 

Истото се планира да се реализира преку воведување на нови производствени системи прилагодени кон одредени услови што ќе бидат развиени и применети врз основа на претходно истражување; развој на видови и раси толерантни на топлина и приспособливи на различни температурни варијации, понатаму воведување на нови техники на наводнување заради поефикасно користење на водата, пошумување со отпорни видови шумски дрвја и други мерки на прилагодување.

 

Во таа насока министерството за земјоделство посочи министерот Димовски превзема одредени мерки.Со одлука на Владата на Република Македонија е назначен и координатор за климатските промени во земјоделскиот сектор, а исто така наскоро ќе се воспостави и соодветен институционален капацитет кој што директно ќе бидат вклучени во креирањето и спроведувањето на политиките во оваа област.

 

Дополнително, во поддршката која се обезбедува преку Националната програма за финансиска поддршка на земјоделството и Програмата за рурален развој за 2010 година меѓу другото се вклучени и мерки за справување со негативните влијанија на надворешните ефекти на глобално ниво предизвикани од климатските промени.Тука спаѓаат осигурувањето на примарното земјоделско производство од временски неприлики и инвестирање во обновливи извори на енергија. Оваа финансиска поддршка во иднина се очекува да прерасне во сеопфатна програма на мерки за справување со негативното влијание од климатските промени и намалување на чувствителноста на земјоделскиот сектор кон промените.

 

Министерот Димовски ја посочи и неопходноста од меѓу - министерска, односно меѓу - ресорска соработка,  особено со министерството за животната средина и просторно планирање, но и со другите институции, и да ја потенцирам потребата од мобилизација на сите учесници во земјоделскиот сектор, почнувајќи од земјоделците,нивните здруженија, научно - истражувачкиот кадар, донаторите итн.