Состанок на Постојаната работна група за регионален рурален развој на земјите од Југоисточна Европа во Охрид

Date of publication: 
27 April 2010

Во септември 2009 година се официјализираше статусот на SWG – Постојаната работна група за регионален рурален развој на министерствата за земјоделство на државите од југо-источна Европа, со седиште во Скопје, чии активности датираат уште од 2005 година. Во изминатиот период предложени се повеќе регионални Проекти од областа на руралниот развој и развојот на земјоделството кои се однесуваат на поддршка на министерствата за земјоделство и останатите актери во секторот.

 

На седумнаесеттиот состанок на Постојаната работна група што се одржува во Охрид учествуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски каде што беше информиран дека од страна на еврокомесарот за земјоделство и рурален развој Дачиан Чилош добиена е и писмена потврда за воспоставување на функционален дијалог меѓу  Европската комисија и SWG – Постојаната работна група како ефективен канал за комуникација со сите потенцијални кандидати и земји кандидати од регионот, и воедно давајќи полна политичка поддршка за оваа регионална иницијатива.

 

- Постојаната работна група која ја сочинуваат 12 членки претставници од министерствата за земјоделство на Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Романија, Република Српска, Косово, Словенија и од Војводина, во моментов најголема подршка добива од светската организација за храна и земјоделство - ФАО како и од ГТЗ – германската техничка помош и ИнВЕнт – организација за јакнење на капацитетите. Оваа работна група практично претставува платформа за размена на искуства меѓу државите кои се со различен степен на институционален развој, истакна Душан Нешковиќ од Министерството за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина и годинешен претседавач на работната група.

 

- Хериете Штанге  од ИнВЕнт, посочи дека е особено задоволна од досегашната соработка со SWG и  најави повисок степен на соработка, односно прераснување на формален партнер во оганизирање на обуки и семинари за рурален развој. Оваа година заедно со ГТЗ ќе бидат организатори на министерскиот форум  за рурален развој кој треба да се одржи во Дрезден, Германија.