Јавна расправа за Прирачникот за добра земјоделска пракса

Date of publication: 
15 April 2010

Експертски тим од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со техничка и експерстка помош од Проектот за подршка на подготовките за ИПАРД- СИПП, ги изработи Правилникот, кодексот и прирачникот за воведување на Добра земјоделска и хигиенска преакса. На јавната расправа која се одржа неделава, а на која присуствуваа  и претставници од невладиниот сектор,земјоделските здруженија и науката, беше истакнато дека во овие три документи се содржани одредби кои се во согласност со европската легислатива и  националното законодавство кое се однесува на воведувањето на Добрата земјоделска пракса.

 

Целтa на Правилникот е да се намали негативното влијание на земјоделството и на животната средина преку спречување на исцрпувањето и нерационална употреба на главните природни ресурси - почвата, водата, животните, растенијата и пределите. Учесниците на јавната расправа се согласнија дека Кодексот и Прирачникот за Добра земјоделска пракса треба да бидат основа за поттикнување на примента на агро-еколошките мерки и користење специфични субвенции како и услов за користење на одделни мерки за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

 

Добрата земјоделска, односно хигиенска пракса се засновува на принципите на  примена на најдобрите земјоделски практики при производство на храна за луѓето и животните, темелено на барањата за одржливо земјоделство, заштита на животната средина и оптимално користење на природните ресурси.

 

Тим лидерот на проектот SIPP, Д-р Биргит Шефер, истакна дека ги поддржува заложбите на Министерството за земјоделство за донесување и на Кодекс и  Прирачник за Добра земјоделска пракса, како и за реализација на агро-еколошките проекти. Тој посочи дека земјоделецот мора да води сметка за да се заштити и да го  подобри квалитетот на воздухот, почвата и водата, при тоа применувајќи минимум стандардите за благосостојба на животните и заштита на растенијата. Ова треба да се напарави со цел да се применат минимум стандарди и за заштита на здравјето и  за безбедноста при работа.  Д-р  Шефер нагласи  дека  воведувањето на Добрата земјоделска пракса е динамичен процес кој бара вклучување на експерти и на советодавните служби заради едукација на земјоделците.

 

Претставниците на земјоделските здруженија посочија дека малите фармери ќе се соочат со проблем при имплементирањето на критериумите на Добрата земјоделска пракса , во прв ред на оние кои се однесуваат на оддалеченоста на фармите од населено место, бројноста на добитикот на фармите, потребните документи за аплицирање за субвенции и последиците од згаснување на фармите и создавање на поголема невработеност во земјоделскиот сектор.

 

Според Д-р  Шефер важно е прво да се постават минимум стандарди, а за имплементирање на некои мерки потребно е да има транзициски период.