Како ќе се финансираат воведувањето на стандарди за безбедност во земјоделско производство и контролата на квалитет

Дата на објава: 
12 Февруари 2010

Од вкупно 100 милиони евра за финансиска поддршка во земјоделството за оваа година,за воведување на стандарди за безбедност во земјоделско производство и контрола на квалитетот се предвидени 20 милиони денари или 327 илјади евра.Овие средства ќе се користат според намените, критериумите, условите и висините утврдени во неколку мерки и тоа :за компензација на производни трошоци по заштитен производ од животинско потекло во висина од вкупно 250 000 денари по заштитен производ по географска ознака, oзнака за потекло и традиционален специјалитет, односно до 300 000 денари од растително потекло.

 

Критериум за добивање на средствата е производот да биде запишан во регистарот на корисници на заштитени географски називи на заштитен производ во 2010 година.

 

За корисниците на  заштитен географски назив се предвидуваат 5% од вредноста на продадениот производ, но не повеќе од 150 000 денари по корисник, под услов да бидат соодветно заштитени и регистрирани во Државниот завод за индустриска сопственост.

 

За дополнителна финансиска поддршка можат да аплицираат производителите на суровина за земјоделски прехранбен производ со заштитен географски назив. Тие ќе добијат по 0,50 ден за килограм или литар продадена суровина.

 

За изработка на елаборат за заштита на географски  назив на одделни земјоделски производи и преработки поддршката изнесува  до 200 000 денари по елаборат изработен и регистриран во Државниот завод за      индустриска сопственост и тоа за производи со заштитен географски назив. Такви се биено сирење, овчо бело сирење, кравјо бело сирење, овчи кашкавал, македонско јагне,  скопски домат- јабучар, преспански ајдарет.

Во Програмата исто така се предвидени средства за контрола и сертификација за заштита на географски назив,  за запишување во меѓународен регистар за заштита на географскиот назив, потоа за спроведување на кампања за промоција на македонските земјоделско-прехранбени производи со заштита на географскиот назив на домашниот и странските пазари, како и за етикетирање и обележување на производи со заштитен географски назив и традиционален специјалитет.

 

Дополнителна финансиска поддршка можат да добијат барателите за спроведени стандарди за безбедност во примарното производство како што се ГЛОБАЛГАП стандардот и ХАСАП систем во 2010 година.

 

Министерството за земјоделство предвиде и финансиска поддршка за компензација на дел од трошоци за лабораториски анализи и сертификација, при спроведување на стандарди за безбедност во примарното производство и тоа до 50% од направените прифатливи трошоци.

Пријавивањето за оваа мерка почнува од 24 март и ќе треа до први декември 2010 година.