Нов советодавен систем, за поквалитетни услуги за земјоделците

Date of publication: 
29 June 2018
36358800_10156976992765628_7330278103500980224_n.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска присуствуваше на настанот насловен „Советодавни служби и услуги и во земјоделството“ на Факултетот за земјоделски науки и храна.
Целта на настанот е да се информираат претпријатијата и останатите чинители за предлог законската регулатива од областа на советодавните услуги, од кој краен бенефит ќе имаат земјоделците. Посебен фокус беше ставен на новиот предлог Закон за советодавни услуги во земјоделството кој што наскоро откако ќе завршат јавните дебати ќе влезе во владина процедура. Со законот ќе се воспостави ефикасен советодавен систем во земјоделството. Овој систем треба да овозможи зголемување на опфатот на корисниците на советодавни услуги финансирани од страна на државата, подобрување на квалитетот на обезбедените услуги, како и целосна услогласеност на советодавните активности со приоритетите и целите на земјоделската политика.
„Квалитетните и навремените советодавни услуги за земјоделците, се една од клучните алки во процесот на создавање на модерно земјоделство усогласено со европските регултави. Едукацијата на земјоделците, достапноста до услугите што ги нуди државата, се основа за модерно земјоделство. Ова е повеќе од важно, сега, во период кога Владата интенизвно работи на забрзување на евроинтеграцискиот процеси и трасирање на патот кон Европската унија.“ – изјави Николовски.
Сегашното функционирање на државно-финансираните советодавни услуги во Република Македонија е незадоволително. Овие услуги воглавно се обезбедуваат преку Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ). Оттука директно се посетени не повеќе од 700 земјоделски стопанства годишно, а детектирани се 30-40.000 стопанства кои се корисници на државна поддршка и имаат посериозен развоен капацитет.
Главните начела на системот, се плурализам во обезбедувањето на советодавни услуги финансирани од државата со целосно вклучување и на приватните даватели на услуги, за кои ќе биде обезбедена и поддршка при нивното формирање, како и пристап базиран на избор на даватели на услуги од страна на самите корисници чија реализација е агументирана со докази.
На овој начин корисниците ќе имаат поголем избор и полесен пристап до потребните советодавни услуги. Целта е да се подобри едукацијата и информираноста во областа на земјоделството, со што се потикнува модернизација и развој во секторот.