Седница на собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство

Дата на објава: 
3 Февруари 2010

Собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство даде зелено светло за второ читање на Предлог законот за изменување на Законот за тутун и тутунски производи. Членовите на Комисијата расправаа и по амандманите поднесени по предлог-законите за ветеринарно-медицински препарати, како и за именување и дополнување на Законот за пасишта во второ читање.

 

Една од целите на измените на Законот за тутун е на тутунската индустрија да и се овозможи дополнителен период на техничко прилагодување во печатењето на новите пакувања цигари со соодветни сликовни предупредувања, ги  информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, членовите на собраниската Комисија за земјоделство.

 

Со Предлогот се продолжува рокот за имплементација на сликовитите здравствени предупредувања од страна на производителите и увозниците на тутунски производи и рокот за повлекување на тутунските производи од промет кои не се прилагодени и не содржат информации за здравствените сликовни предупредувања за дополнителни три месеци.

 

По Предлог-законот за ветеринарно-медицински препарати Комисијата го прифати предлогот листата на фармаколошки супстанции одобрени за употреба во ветеринарната медицина, освен во Службен весник, да биде објавена и на интернет страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Комисијата не ги поддржа амандманите по измените на Законот за пасишта според кои, рокот на користење на пасиштата наместо пет да биде 10 години.