Дата на објава:
4 Мај 2018Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски со претстaвниците од Делегацијата на Европската унија денеска ја посети општина Ранковце, една од локациите за спроведување на проектот „Мали нискотрошковни, еколошки прифатливи системи за наводнување“. Во оваа општина, станува збор за системот за наводнување на Славишко поле, кој што е од исклучително значење за наводнување на земјоделските површини во оваа општина. Според првичните анализи, изградбата на овој систем за наводнување ќе чини околу 1,6 милиони евра, а средствата се веќе обезбедени од програмата ИПА 2015.
Тековниот систем за наводнување во Славишко Поле се состои од привремен зафат на Крива Река, со кој што се наводнуваат до 40 хектри. Новиот систем ќе овозможи наводнување на 200 хектари и ќе донесе придобивки за повеќе од 250 домаќинства кои се занимаваат со земјоделство во Ранковце, Гиновце и Псача.
„Со изградбата на новиот систем за наводнување, многу обработливо земјиште кое во моментов е без вода конечно би било употребливо. Изградбата на системот за наводнување ќе го зголеми приходот за повеќе од 3 пати, што ќе влијае на животниот стандард во општината, имено од моменталните 40 денари по хектар, би биле до 200 денари по хектар. Од друга страна, земјоделците ќе можат да извршат замена на постоечките култури во некои попрофитабилни култури со поголема додадена вредност. Системот за наводнување ќе овозможи одржување и развивање на земјоделските активности за кои луѓето тука имаат традицијата, на начин што ќе се почуствува за целото општество“, порача министерот Николовски.
Раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европската унија, Никола Бертолини посочи дека Европската го поддржува руралниот развој во РМ и во таа насока е моменталната голема соработка со целата земја и со МЗШВ.
„На овој регион гледаме како еден на кој што му е потребна поддршка. Иако ова едноставен проект, сепак е од многу голема важност за развој на земјоделството. Финансиската поддршка преку овој проект е многу важна, но исто многу поважно е вие да го искористите тоа, мора да соработувате , да работите, да го одржувате и да управувате со овој систем за наводнување“, изјави Бертолини.
Проектот „Мали нискотрошковни, еколошки прифатливи системи за наводнување“ во износ од 1,7 милиони евра е финансиран од Инструментот за претпристапната помош –ИПА” на Европската унија и предвидува изработка на проектна документација за 8 мали системи за наводнување.
„Наводнувањето е еден од клучните услови за стабилно и конкурентно земјоделско производство. Овој проект е само дел од нашите политики за создавање на современи системи за наводнување и зголемување на површините кои се наводнуваат. Како Влада, сме сме фокусирани на реализација на низа проекти за изградна на нови и реконструкција на постоечките системи за наводнување“, порача министерот Николовски.
На средбата присуствуваа и земјоделци од општина Ранковце, кои што се интересираа за начинот како ќе се одвива временски изградбата и кои површини ќе бидат опфатени. Од страна на консултантската куќа која што изработува проектната документација за системот за наводнување Славишко поле беше посочено дека системот ќе биде пуштен во употреба во сезоната за наводнување во 2020 година. Оваа локација, заедно со уште две ќе влезат во прва фаза за изработка на проектна документација, и за изградба на системот веќе се обезбедени средства од програмата ИПА 2015.