Date of publication:
24 April 2018Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати 104,7 милиони денари субвенции за грозје. Конкретно, исплатата е за дополнителната субвенција од два денари за килограм грозје предадено во домашни винарски визби. Мерката беше донесена лани со измени на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2017, со цел да им се помогне на лозарите, поради лошите временски услови кои негативно влијаеја врз родот.
Дополнително, со цел навремено извршување на сите агротехнички мерки, пред почетокот на годинешната производствена сезона, на лозарите им се исплатија субвенциите за одржување на лозовите насади или вкупно над 608 милиони денари.
Исплатата на субвенциите за преостанатите мерки за 2017 се одвива континуирано со цел да се запази законскиот рок за комплетно расчистување на 2017 година, односно 30-ти јуни.
Од Програмата за 2018 година, ќе се изврши исплатата на субвенцијата за тутун. Во моментов во собраниска процедура се измените на Законот за земјоделство и рурален развој, со кои што се брише условот за должници кон УЈП, што изминатите години беше пречка за исплата на субвенциите. Измените на законот во Собрание ќе бидат на првата пленарна седница на почетокот на следниот месец, и штом се изгласаат во Собрание, ќе следува исплатата на субвенциите. Во меѓувреме, во Платежната агенција се обработуваат поднесените барања. Оваа година субвенционирањето за тутунот е според нов модел, во три нивоа, односно субвенцијата за прва класа тутун изнесува 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета, четврта и дополнителните класи.