100 дена Влада: Љупчо Николовски, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство

Дата на објава: 
16 Септември 2017
21682443_10213604414978327_1271863803_o.jpg

Почитувани земјоделци,Почитувани граѓани

 

Поминаа 100 дена од моето доаѓање на функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.Зборот е збор – ветивме транспарентност и отчетност, достоинствено место на земјоделците во нашето општество.

Во овие изминати три месеци презедовме низа мерки, понудивме решенија и измени на закони – секој наш чекор беше исклучиво во интерес на земјоделците, затоа што развојот на земјоделството е еден од клучните приоритети на Владата.

Иако дојдовме во еден турбулентен период кога земјоделските активности се во полн ек, и се соочивме со опструкции од претходната власт, тоа за нас како нова Влада беше предизвик и поттик веднаш да се насочиме кон решавање на секој проблем и преземање на соодветни мерки.

Во изминатите 100 дена:

  • Ја одблокиравме исплатата на субвенциите, за три месеци исплативме 60 милиони евра за субвенции
  • Со измени на Програмите за финансиска помош во земјоделството и руралниот развој обезбедивме дополнителни мерки за финансиска поддршка
  • Распишавме два огласа за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп за површини до 3 хектри и над 3 хектри
  • Го продолживме рокот за аплицирање за субвенции за Програмата за финансиска поддршка за 2017 година и рокот за аплицирање за ИПАРД 2 Програмата
  • Отпочнавме со реализација на долгорочните стратешки политики

Субвенциите се државна мерка која со закон им е загарантирана на земјоделците, поради што веднаш пристапивме конизнаоѓање на решенија, како земјоделците побрзо да ги добијат субвенциите чија што исплата доцнеше неколку месеци.

Го решивме проблемот со софтверот за исплата на субвенциите, со што се одблокира процесот на исплата.

Направивме измени на Законот за земјоделство и рурален развој, со кои се одложи  законската обврска со која еден од условите за добивање на субвенциите беше земјоделците да немаат долгови кон Управата за јавни приходи.

За само три месеци реализиравме 36 исплати за субвенции во износ од  60 милиони евра, кои директно легнаа на сметките на околу 50 илјадиземјоделци.

Со цел стабилизирање на пазарот, ублажување на негативните влијанија од временските непогоди и зголемена поддршка на приходот на земјоделците, со измени на Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се обезбедија дополнителни 10 милиони евра за следните намени:

  • Зголемување за 10 отсто на постоечката поддршка по хектар за лозови и овошни насади, и за градинарски и фуражни култури. Ова е само дел од нашите ветувања во Програмата на Владата за 20-процентно зголемување на субвенциите, што ние го реализираме во првите 100 дена. Со оваа поддршка ќе бидат опфатени 18.000 лозари, 15.000 овоштари и 30.000 сточари.
  • 25.000 производители на пченица ќе добијат дополнителни 6.000 денари по  хектар за засеани површини со пченица
  • Дополнителни 1 денар за килограм јачмен предаден кај регистрирани откупувачи.
  • Финансиска помош од неповратни 10.000 евра за млади земјоделци, мерка која е важна за спречување на миграцијата на младите од село во град.
  • Финансиска поддршка за набавка на приплодни грла и подигнување на повеќегодишни овошни и лозови насади.

За земјоделците е најважно да имаат непречен пласман за своите производи.За таа цел интервениравме во стабилизирање на пазарот на праски и лубеници, преку воведување на дополнителна субвенција од 6 денари за килограм предадени праски кај преработувачи и дополнителни два денари за килограм продадени лубеници на регистрирани откупувачи.

Земјоделците добија Влада која финансиските средства, ги насочува исклучиво за потребите на земјоделските производители.

За таа цел, донесовме нови пет Упатства за поефикасно и контролирано  трошење на парите на министерството.

Со ребалансот на Буџетот, се обезбедија околу  два милиони евра  повеќе за секторот земјоделство, од кои најголемиот дел се за директна помош за земјоделците.

Од друга страна, ги скративме непродуктивните трошоци, како што се тековните расходи и договорните услуги.

Една од нашите долгорочни цели е унапредувањето на соработката со меѓународните институции од областа на земјоделство.Уште во првите три месеци плативме дел од заостанатите долгови за членарини во меѓународните институции, кои нудат огромна техничка и финансиска помош за развојот на македонското земјоделство.

Со плаќање на заостанатите долгови за консултантски услуги за Проектот Јужно вардарска долина втора фаза, ја откочивме реализацијата на овој проект, кој е од витално значење за наводнувањето и со кој што ќе бидат опфатени  4.000 хектари за наводнување.

Сакам да потенцирам дека уште во првите 100 дена започнавме со реализација и на долгорочните приоритети за развој на земјоделството:

Го потпишавме договорот за реонизација на земјоделското производство според почвено-климатските услови, со техничка поддршка од  Организацијата за земјоделство и храна при Обединетите нации, во износ од 355 илјади долари.Проект, кој ќе покаже која култура во кој реон дава најдобри ефекти, што е клучно за зголемување на земјоделското производство и извоз.

Започнавме постапка за креирање на законско решение за т.н зелена евтина нафта за механизација, со цел да им ги намалиме трошоците на земјоделците.

Го отпочнавме процесот на инвентаризација односно попис на шумскиот фонд.

По втор пат после осум години извршивме авионско снимање на целата територија на Република Македонија, со што ќе сеовозможи прецизна контрола од страна на Платежната агенција во однос на површините кои земјоделците ги пријавуваат за субвенции.

Потпишавме договор со Европската комисија за развој на задругарство како модел за окрупнување на земјоделското проивоидство во вредност од 1,8 милиони евра.

Со Светска банка се договоривме за функционална аналаиза на Министерството и за спроведување на анализа за ефектите од субвенциите.

Започнавме процес на подготовка на акредитацијата на институциите за утврдување на области за инвестиции кои ќе се поддржат преку глобалниот Климатски фонд на Обединетите нации.Милиони евра ќе и стојат на располагање на Македонија , токму преку овој Голбален климатски фонд.

Во тек е постапка за избор на региони каде што ќе се спроведува консолидацијата на земјоделското земјиште.

Интензивно работиме на промоција на извозот на македонските земјоделско-прехрамбени производи. Потпишавме меморандум за соработка со Министерството за надворешна трговија на Босна и Херцеговина, за  унапредување трговијата со земјоделско-прехрамбени производи. Како регион, заеднички го решивме проблемот со новиот Правилник на Хрватска за увоз на зеленчук и овошје.

Ја зацврстуваме нашата позиција во регионот, за што доказ е  поканата од владиниот врв на Словенија, следната година Македонија да биде земја партнер на Интернационалниот саем за земјоделство и храна АГРА 2018, во Словенија.

Остварив средба со сите министри од регионот, почнувајќи од Бугарија, Албанија, Словенија , Хрватска, Израел, Кина.

Во изминатите три месеци значитело ја зголемивме транспарентоста кон земјоделците но и кон јавноста. Ги отворивме вратите на министерството за секој проблем на земјоделците и започнавме интензивен дијалог со сите чинители во земјоделскиот сектор, со цел навреме да се преземат решенија за секој проблем поединечно.Мојата заложба за развој на земјоделство, несебично ќе ја продолжам и во следниот период, затоа што Македонија е аграрна земја, земјоделците заслужуваат да имаат достоинствено место, затоа што Зборот е збор.