Промоција на македонски производи на саемот во Мостар

Date of publication: 
7 April 2017
Saem vo Mostar.jpg

Македонското квалитетно флаширано вино, јагнешко месо, традиционално овчо сирење, домашен ајвар, лутеница, малиџано, се дел од македонските производи кои се дегустираат на националниот промотивен штанд во Мостар, Република Босна и Херцеговина, во рамки на Мостарскиот саем што се одржува од 4-ти до 8-ми април 2017 година.

 

Интересот за македонските производи, чиј вкус традиционално е познат во овие простори, е многу голем и македонскиот штанд е еден од најпосетените на саемот. На саемот се претставуваат преку 800 изложувачи од 30 земји. Манифестацијата ја отвори хрватскиот премиер Андреј Плетковиќ затоа што оваа година партнер на саемот е Република Хрватска.

 

На свеченоста присуствуваа голем број на државници од регионот и светот меѓу кои српскиот премиер Александар Вучиќ, претседателот на Република Црна Гора Филип Вујановиќ, кинескиот заменик министер за земјоделство Љу Донгѕу и други претставници од високо државно ниво, кои по завршувањето на свеченоста ги посетија изложбените штандови.

 

Во рамки на саемот се одржува и дводневна конференција на иницијативата 16+1 помеѓу земјите од Југоисточна Европа и Народна Република Кина.

 

Македонскиот промотивен штанд е дизајниран во насока на препознатливост на Македонија како земја со вкусна храна, природни убавини, богата традиција и добра дестинација за започнување и развој на бизниси.

 

Националната промоција ја организираат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, претставници на македонските производители и Министерството за надворешни работи.